Русија ќе одговори на можните чекори на Берлин за милитаризација на Германија, но нема намера да ја нападне Германија, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Жешките глави во Берлин и другите европски престолнини мора да бидат свесни дека Руската Федерација ќе реагира брзо и остро на какви било милитаристички аспирации за да спречи закани по сопствената безбедност. Русија нема да ја нападне Германија. Изјавите на лидерот на Христијанско-демократската унија Фридрих Мерц за милитаризација укажуваат на тоа дека Берлин можеби има такви планови“, рече Захарова, а пренесува порталот РБЦ.
На 13 март, Бундестагот ја разгледа законската иницијатива со која се предлага зголемување на трошоците за националната одбрана.
Берлин има намера да ги задржи минималните одбранбени трошоци задолжени од НАТО од два отсто од БДП, а во изборната програма на ЦДУ/ЦСУ, која победи на неодамнешните избори, се наведува дека земјата треба да ја зголеми оваа бројка на три отсто.
Во предлог-законот доставен до Бундестагот се наведува дека конфликтот во Украина ја „промени безбедносната ситуација во Европа“. Германија моментално троши 2,12 отсто од својот БДП за воени потреби. Конечното гласање за предлог-законот е закажано за 18 март, пренесува „Танјуг“.