Сега не се можни преговори за потпишување мировен договор меѓу Русија и Јапонија, поради „непријателската политика на Токио”, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
– Не планираме продолжување на мировните преговори со Јапонија. Тоа е очигледно, бидејќи не постои начин да се разговара за потпишување основен документ за билатерални односи со земја, што зазеде отворено непријателски став, нагласи Захарова.
Изјавата на Захарова се однесува на санкциите што Јапонија ги воведе на 15 март, за поединци и компании од Русија, меѓу кои има и пратеници од Државната дума, како и руски бизнисмени и нивни роднини, поради рускиот напад на Украина.
Како одговор на потегот на Токио, руската страна ги запре безвизните патувања за јапонските државјани на спорните Курилски Острови и се повлече од дијалогот со Јапонија, околу воспоставување заеднички економски активности на овие острови.
Русија го блокираше и продолжувањето на партнерскиот статус на Јапонија во Црноморската организација за економска соработка.