„Законот за легализација на бесправно изградените објекти треба да одговори на потребите на ромската заедница во ромските населби, реагираат граѓански организации.Ги повикуваме народните пратеници во Собранието на Република Северна Македонија да овозможат пофлексибилни и поолеснителни можности за легализација на објектите со намена за домување“, повикуваат РОМАЛИТИКО, Ромскиот Ресурсен Центар – Скопје, РОМА ПЕРСПЕКТИВ- Прилеп, Здружение на мултиетничко општество за човекови права Штип, ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје, Асоцијација СОНЦЕ Тетово, ЦОСВ Подружница Северна Македонија– Координација на организациите за волонтерски услуги од Италија.
Тие ги предлагаат следните измени (на член 8, став 1):
1. Имателите на бесправни објекти кои оствариле нето годишен приход не повеќе од минималната плата на месечно ниво да бидат исклучени од обврската да плаќаат надомест;
2. Наместо доставување на доказ за приклучок на водоводна или електроенергетска инфраструктура, повторно да се воведе изјавата која постоеше во предходниот закон (дека објектот е изграден пред 1 јануари 2021 година).
Граѓанските организации ги предлагаат и следните дополнувања на законот (член 8):
1. Да се овозможи доставување на геодетски елаборат за барањата за легализација поднесени во 2011, 2015, 2016, 2018 како и за барањата поднесени по втор пат а кои предходно биле одбиени поради недостаток на геодетски елаборат;
2. Рокот за поднесување на барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект да изнесува една година од денот на влегување во сила на законот.
Очекуваме народните пратеници да одговорат на барањата на лицата кои живеат во бесправно изградените објекти, стои во соопштението од здруженијата.