Шесторката од Западен Балкан: Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина на самитот во Берлин потпишаа три договори, за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и за признавање на професионалните квалификации на медицината: лекари, стоматолози, како и архитекти.
Договорите беа одобрени од министрите за надворешни работи на овие шест земји на состанокот организиран од германската влада на 21 октомври.
Политичкиот аналитичар и познавач на состојбите на интеграцискиот процес на државата, Синиша Пекевски вели дека потпишувањето на овие договори е одлична работа која ги олеснува бирократските работи околу нострификација и признавање на документи и дипломи.
– Потпишувањето на договорот е одлична работа која ги олеснува бирократските работи околу нострификација и признавање на документи и дипломи. За Германија и лицата кои ќе работат или планираат да работат во Германија е одлична идеја затоа што добиваат готов кадар, а за нас како Македонија е лошо затоа што ќе се соочиме со недостаток на персонал и со и помалку квалитетна услуга во здравството, изјави Пекевски за „Локално“.
Запрашан дали е потребен „Отворен Балкан“, воопшто како иницијатива кога за истите начела за кој се залага, се агенда на Берлинскиот процес, Пекевски смета дека „Отворен Балкан“ е потребен заради надминување на голем број на бариери и важен е за бизнисот и граѓани и е важна иницијатива во перидодот до проклучвање во ЕУ.
Од друга страна, поранешниот амбасадор Мухамед Халили вели дека „Отворен Балкан“ е само регионална иницијатива и дека сите активности поврзани со сериозни економски и политички цели одат преку Берлин.
– Отворен Балкан е формално потребен да постои како регионална иницијатива, но есенцијално сите активности треба да се одвиваат во рамките на Берлинскиот процес, тоа уште повеќе што канцеларот Шолц е решен целиот процес да оди преку Берлин, изјави Халили за „Локално“.
За поранешниот дипломат Ивица Бицевски и „Отворен Балкан“ и Берлински процес имат свои слабости.
– Сите овие иницијативи имаат една клучна слабост, односно целиот Берлински процес е само замена за членство на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија. Доколку нешто очекувавме и очекуваме, тоа е да влеземе во Европската Унија или, барем, во Заедничкиот европски пазар, па сите овие олеснувања да се однесуваат за цела Европа, а не само помеѓу нас во регионот. Значи, тоа е клучната фалинка на Берлинскиот процес. Понатаму, признавањето на квалификациите не значи и целосна слобода во овие професии, затоа што секаде, вклучително и во ЕУ, постои и обврската од полагање стручен испит за влез во професијата, па тука не очекувам никакви чуда, но добро е што ќе отвориме регионален дијалог помеѓу институциите. Инаку мене многу ми пречи оваа неформална конкуренција помеѓу иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес, затоа што не гледам потреба од такви усложнувања, вели Боцевски во изјава за „Локално“.
Според него, „Отворен Балкан“ е далеку поздрав и поодржлив процес затоа што потекнува од самите земји од регионот, оттука е воден и насочуван, па и целосната одговорност е на владите во регионот.
– Не само тоа туку интересот секако ќе исчезне за Берлинскиот процес по влезот на сите овие земји во Европската Унија, кога и да се случи и ако се случи, а потребата од меѓубалканска соработка ќе остане, па Отворен Балкан лесно ќе се претвори во јужна варијанта на Нордискиот совет или на Вишеградската група. Се разбира, постојат уште отворени прашања околу Отворениот Балкан, но сега не е време да бараме влакно во јајцето, нагласи Боцевски.
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека Берлинскиот процес започнат пред 8 години продолжува. Меѓудругото Ковачевски по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека Европската Унија не е целосна без Западен Балкан.
– Затоа продолжуваме со интензивна соработка и развој и на земјата и на регионот, истакна Ковачевски.
Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што германската влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел, ги иницираше во 2014 година кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан.
Д.Ј.