Без разлика дали сте љубители на намалување на емисиите на јаглерод или едноставно уживате во прекрасните пејзажи, нема поголемо задоволство од патувањето низ Европа со воз. Сега возот „во стил на метро“ што ги менува правилата на игра може да го револуционизира европското патување, поврзувајќи голем дел од Европа, вклучувајќи ги Велика Британија, Турција со Истанбул, Украина и Западен Балкан, со 39 станици, најмалку по една во секоја земја на пет главни рути.
Наречен „Метро за Европа“, предлогот за железничкиот проект „Starline“ предвидува дека замената на летовите на кратки релации со железничка мрежа со голема брзина би можела да ги намали емисиите на јаглерод диоксид за неверојатни 95 проценти, додека вкупно 424 големи градови ќе бидат поврзани со пристаништа, аеродроми и железница. Уште повеќе, плановите предвидуваат намалување за 80 проценти на летовите на кратки релации, додека самите возови, кои би поминале 22.000 километри, ќе бидат 30 проценти побрзи од автомобилите и традиционалните железнички линии, пренесува „Metro.co.uk“.
Во 2022 година, сообраќајот беше одговорен за околу 29 отсто од емисиите на стакленички гасови во ЕУ.
Мрежата на супербрзи возови, која треба да го поврзе речиси целиот континент до 2040 година, беше претставена од данскиот тинк-тенк 21 Европа, а регионот на Западен Балкан ќе биде директно поврзан со клучните европски метрополи, вклучувајќи ги Мадрид, Рим, Истанбул и Киев со брзи возови кои можат да развијат брзина до 400 км/ч.
Визијата на „Starline“ има за цел да ја преобликува постоечката железничка инфраструктура, опишувајќи ја како „фрагментирана, раздвоена и често бавна“ и да понуди ултра-брзи врски што би биле конкурентни на воздушниот сообраќај.
„Вистински интегриран железнички систем повеќе не е само прашање на удобност; тој е стратешка неопходност за издржливоста на Европа во 21 век“, се наведува во документот. „Дизајниран како метро, „Starline“ ја менува перцепцијата на Европејците, не како збирка од далечни земји, туку како една брза, поврзана мрежа“, пренесува „еКапија“.
Возовите би се движеле со брзина од 300 до 400 km/h, што значи дека патувањето од Хелсинки до Берлин би траело нешто повеќе од пет часа – значително пократко од денешното целодневно патување. Патниците не би се делеле по класи, туку по „зони на потреба“, тивки зони за работа, семејни делови и слично.
Возовите ќе имаат препознатлив дизајн во темно сина боја, а станиците би се граделе надвор од големите градови, со директна врска со јавниот превоз. Планот е тие станици да станат урбани културни центри со ресторани, продавници, концертни сали, музеи и спортски објекти.
Со цел да ја направи визијата реалност, „21st Europe“ предлага модел на јавно финансирање во кој националните железнички компании ќе управуваат со линиите преку систем на франшизи. Централната координација ќе ја врши новата Европска агенција за железници (ЕРА), во рамките на ЕУ, која ќе ги надгледува техничките стандарди, интероперабилноста и долгорочниот развој на мрежата.
Работната сила, од машиновозачи до персоналот на станицата, ќе биде обучена според единствени европски правила, за да се обезбеди конзистентност низ мрежата. „Starline“ би користел универзален систем за билети.
Иако е исклучително амбициозен, проектот има јасна временска рамка: целта е „Starline“ да биде оперативна до 2040 година. „Сега почнуваме да градиме мрежа за поттикнување на реални промени, здружувајќи ги носителите на одлуки, дизајнерите и лидерите во индустријата за да ја претворат визијата во реалност“, заклучува тинк-тенкот, пренесува „Biznis.rs“.
Планот има три недостатоци, се појавува токму во моментот кога се слушаат гласови за масовното вооружување на Европа во вредност од над 350 милијарди евра, кои би можеле да се потрошат на Starline; Русија и Белорусија, како и земјите од Кавказ (Ерменија, Грузија и Азербејџан) се исклучени од мрежата. Исто така, линиите на Балканот имаат чудна врска (нема линија Белград-Загреб или Белград-Подгорица, недостасува Скопје), што значи дека за тие линии би требало да се погрижат локалните држави, што би било голем товар, или планот дополнително да се разработи.