Започнува судењето за перење пари по осум години од аферата „Панамски документи“

од Сенада Ибраимова
142 прегледи

Судењето на дваесет и седум лица под обвинение за перење пари поврзани со скандалот за даночно затајување „Панамски документи“, кој откри колку од светските најбогати го кријат својот имот во оф-шор компании, ќе започне во понеделник.

Во 2016 година, скандалот ги потресе владите, разоткри високи личности, доведе до серија истраги ширум светот и ја наруши репутацијата на Панама како оф-шор финансиски центар, пренесува Хина.

Обвинетите на кои ќе им се суди во Кривичниот суд во Панама се Јирген Мосак и Рамон Фонсека Мора, основачите на сега веќе непостоечката панамска адвокатска фирма.

Повеќе од 11 милиони датотеки од нивната компанија Mossack Fonseca инкриминираа влијателни луѓе, вклучувајќи милијардери, политичари и спортски ѕвезди.

Исландскиот премиер Зигмундур Дејвид Гунлаугсон беше принуден да поднесе оставка откако беше откриено дека неговото семејство има оф-шор банкарски сметки.

Тогашниот пакистански премиер Наваз Шариф доби доживотна забрана за вршење јавна функција откако документите го инкриминираа.

Некои од другите споменати луѓе се поранешниот британски премиер Дејвид Камерон, фудбалската ѕвезда Лионел Меси, тогашниот аргентински претседател Маурицио Макри и шпанскиот филмски режисер Педро Алмодовар.

Документите беа испратени до германскиот весник Sueddeutsche Zeitung, кој потоа ги сподели со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари.

Панама усвои нови закони по избивањето на скандалот, но оваа централноамериканска земја останува на црната листа на Европската унија за даночни раеви.

Перење пари

Фактот што некои од панамските закони за перење пари не постоеја кога изби скандалот може да ги искомплицира напорите на судството успешно да ги осуди обвинетите.

Кривичното дело затајување данок во Панама се казнува дури од 2019 година и тоа за суми поголеми од 300.000 американски долари годишно.

На Мосак и Фонсека им се судеше во Панама во 2023 година за наводно перење пари како дел од бразилскиот корупциски скандал поврзан со градежниот гигант Одебрехт.

Обвинителството за тој случај побара затворска казна до 12 години и за двајцата, а пресудата се уште не е објавена.

Најновото судење според судските записи се очекува да трае до 26 април.

 

 

 

 

Слични содржини