Во Париз заврши итниот состанок на европските лидери за Украина, свикан од францускиот претседател Емануел Макрон.
На состанокот, кој беше организиран поради загриженоста меѓу европските лидери за намерата на американскиот претседател Доналд Трамп лично да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и да преговара за Украина, присуствуваа, меѓу другите, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Додека средбата сè уште беше во тек, германскиот канцелар Олаф Шолц објави фотографија од лидерите собрани во Елисејската палата.
„Ја поздравуваме дискусијата за мирот во Украина. Но, тоа не значи дека може да има наметнат мир и дека Украина мора да го прифати она што ѝ е претставено. Украина може да ни верува“, напиша Шолц, кој го напушти состанокот пред да заврши.
Тој вети континуирана поддршка за Киев, пренесува „БФМ ТВ“.
Европските лидери се состанаа денеска во Париз за да дефинираат заеднички одговор на позициите на американската администрација за Украина. Средбата се одржа пред денешните разговори меѓу Русија и САД во Ријад.
Украина стравува да биде изоставена од овие преговори кои директно ја засегаат, наведува францускиот ТВ канал.