Граѓаните сакаат земјава да стане членка на ЕУ, да живее европски, со европски вредности, земјава припаѓа на Европа е заклучокот од одржаните трибини, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на завршната трибина „Ние сме Европа“ во Куманово. Министри, пратеници, претставници од бизнис-заедница, НВО учествувале на трибините, илјадниците граѓани разговарале за европски вредности, европски фондови за успешните европски приказни.
– На крајот од оваа кампања сакам да споделам со вас нешто што веќе го кажав, а тоа е дека треба да бидеме горди на процес кој за првпат се случи во овие две години, а тоа е процесот на отварање на преговорите. Ги отворивме минатиот јули, после 17 години, имавме интензивен период од 15 месеци на учество во скринингот. Минатата недела со премиерот Ковачевски имавме прилика да го затвориме скринингот после 15 месеци, околу 100 работни дена, скоро 1.000 учесници на скринингот, 850 презентации и многу искажани зборови. Она што го приметивме таму е дека не сме толку далеку од ЕУ, но исто така не смееме да стоиме повеќе во место, сè што можеше да го направиме без крупните политички одлуки во Собранието го направивме ние сме скоро речиси половина усогласени со европското законодавство, ги применуваме европските стандарди. И секако имаме уште многу работа да направиме.
На крајот, додаде Маричиќ, само да пратам клучна порака – пред седум години бевме држава во сериозна политичка криза, држава која беше означена како заробена, денеска сме веќе со започнати преговори а за седум години, може да бидеме членка на ЕУ, да продолжиме по овој пат, бидејќи таму припаѓаме.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пак рече дека членството во ЕУ ја води земјата кон ера исполнета со соработка, иновации и одржливи практики, меѓусебно поврзана енергетска инфраструктура, стабилна во испораката на електрична енергија во домовите.
И тој се осврна на поддршката на ЕУ за Западен Балкан, истакнувајќи дека со планот за раст на Западен Балкан, шест милијарди евра се наменети за земјите од регионот, од овие пари, на земјава и се достапни околу 850 милиони евра, од кои, дел ќе се насочат кон правична енергетската трансформација и зелена транзиција на овој сектор.
-Ние веќе сме лидери на целиот Балкан со инсталирани преку 600 мегавати соларни електрани и приклучени на мрежа кои веќе произведуваат струја, и ако оваа бројка некој ја кажеше во 2019 кога имавме само 17 мегавати, сигурно ќе беше осуден дека не ја зборува вистината и дека креира лажен ПР со преоптимистички бројки, рече вицепремиерот Битиќи.
Битиќи истакна дека транзицијата ќе биде праведна, достапна за сите, не само за богатите, туку за сите граѓани. Владата, додаде, веќе подготвува инвестициски план со ЕБОР за обезбедување средства од четири милијарди евра за период од 2024 до 2030 година. И тој ги потенцираше антикризните мерки.
Во однос на компаниите, тој го нагласи инструментот на ЕБОР за „зелено финансирање“, за поддршка на малите, средни претпријатија за поединци, домаќинства.
Во своето обраќање, Битиќи спомена дека полноправното членство во ЕУ ќе донесе енергетски скок, стабилен пристап до електрична енергија, современи технологии, достапна енергија за граѓаните.
Министерот за финансии Фатмир Бесими говореше за значењето на енергијата низ историјата на Европа, нагласувајќи дека ЕУ има предизвици и дека и таму младите се селат за подобри работни места. Тој се осврна и на неколку клучни датуми за ЕУ, на енергетската заедница, за поддршката на ЕУ.
Од независноста до денес ни се доделени три милијарди евра грант пари од ЕУ, подвлече тој, нагласувајќи ги и поддршката во рамките на целиот регион, како и новиот план за развој на Западен Балкан. Според него најважно е што станува збор за Унија на солидарност, рамноправност, на меѓусебно почитување и шанса за просперитет и во иднина.
-Ние овој мандат, како Влада, влеговме во период на сериозна криза. Криза соочена со Ковид, после криза на храна, криза на енергетски производи. Па, продолжи со инфлациона криза. Во овој период имавме три клучни приоритети од аспект на финансии. Да одговориме на кризите со пакет мерки, за најранливите категории и стопанството, досега се потрошени две милијарди евра за таа намена во четири години, истакна Бесими.
Тој додаде дека уште 622 милиони се обезбедени со последниот пакет.
– За наредната година е обезбеден раст или буџет што проектира раст за 3, 4 проценти на БДП, дефицит намален. Исто така, намалена инфлација, што всушност во однос на раст на плати планиран за догодина, од 8.4 отсто. Наредна година, ако растот на економијата е проектиран на 3, 4 проценти, реалниот раст на стандардот на граѓаните и платите, реалниот раст откако ќе се тргне инфлацијата, ќе биде околу 4,8 проценти, додаде Бесими.
Ние, рече, работиме посветено на тоа што значи обезбедување на финансии, за стабилна европска перспектива.
– За нашата иднина, Европската Унија е единствената опција и алтернатива, порача тој.
Пред присутните зборуваше и Митко Андреевски, кој преку примери на компании од Европа, посочи колку е важна енергетиката за развој на општеството и влијанието што го има на растот и зачувувањето на животната средина.