Зеленски: Блокадата на полските фармери е неморална

„Неопходно е конечно да се најде решение за ситуацијата, особено на границата со Полска, која одамна ги надмина границите и на економијата и на моралот,“ рече Зеленски.

од Бети Божиноска
454 прегледи

Протестите на границата против увозот на украински земјоделски производи од страна на полските земјоделци ги преминаа сите граници, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, обвинувајќи ја Варшава дека ја користи ситуацијата за домашните политички игри додека Киев останува под неиздржлив притисок од Русија, пренесува ТАСС.

„Неопходно е конечно да се најде решение за ситуацијата, особено на границата со Полска, која одамна ги надмина границите и на економијата и на моралот,“ рече Зеленски во видео објавено на неговиот канал на „Телеграм“.

Зеленски вели дека е тешко да се поверува дека Полска ја користи ситуацијата во Украина, „една земја што крваври“ како што посочи тој, во „својата внатрешна политичка битка.“

Полските земјоделци почнаа да ја блокираат украинската граница уште есента во знак на протест против регулативите на ЕУ кои им дозволуваат на нивните украински конкуренти да продаваат земјоделски производи на пазарот во унијата без да плаќаат тарифи, што според нив е неправедна предност.

Протестите се интензивираа кон крајот на минатиот месец кога полските земјоделци ги блокираа сите шест гранични премини со Украина, а неидентификувани лица, како што тврдеа официјални претставници на Киев, „уништувале украинско жито на железничката пруга,“ предупредувајќи на можна „саботажа“.

Полскиот министер за земјоделство Чеслав Сиекиерски се извини за инцидентите, но се обиде да ги оправда постапките на демонстрантите велејќи дека тие се „во многу тешка економска ситуација“.

Слични содржини