Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги одложи сите претстојни странски посети, изјави денеска неговиот потпарол Серхи Никифоров, во време кога е во тек руската офанзива на регионот Харков.
– Володимир Зеленски нареди да се одложат сите меѓународни настани закажани за следните денови и да се договорат нови датуми, објави Никифоров на Фејсбук.
Зеленски претходно ја откажа посетата на Мадрид, која требаше да се одржи кон крајот на оваа недела, при што требаше да се сретне со шпанскиот премиер Педро Санчез и кралот Фелипе Шести, соопшти шпанската кралска палата.
Дипломатски извори истакнаа дека откажувањето на патувањето на претседателот на Украина, во кое требаше да биде вклучена и Португалија, е последица на сложената ситуација низ која поминува неговата земја наспроти руската офанзива по повеќе од две години војна.