Зеленски го коментира гафот на Бајден: „Грешка која може да се заборави“

од Илинка Илиоска
102 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за прв пат го коментираше гафот што му се случи на американскиот претседател Џо Бајден кога на крајот од самитот на НАТО го помеша украинскиот лидер со рускиот Владимир Путин.

„Тоа беше грешка. Соединетите Држави им дадоа голема поддршка на Украинците – можеме да заборавиме на некои грешки“, им рече претседателот Зеленски на новинарите по неговото денешно пристигнување во Ирска.

„Дами и господа, претседателе Путин“, рече Бајден во четвртокот додека го претставуваше Зеленски пред говорот на самитот на НАТО во Вашингтон.

Додека 81-годишниот демократ брзо се поправи, гафот поттикна нови шпекулации за тоа дали тој воопшто е способен за функцијата пред претседателските избори во САД во ноември. Десетици сојузници го повикаа Бајден да се повлече во корист на помлад кандидат.

Неговиот ривал, републиканскиот противкандидат Доналд Трамп, не губеше време за да се исмее со гафот на Бајден.

На средбата со ирскиот премиер Сајмон Харис по слетувањето во округот Клер, Зеленски ѝ се заблагодари на Ирска „за домаќинството на многу украински бегалци.

„Бевте со нас од самиот почеток на руската инвазија“, рече тој.

Како што пренесува Гардијан, украинскиот лидер следната недела ќе отпатува за Велика Британија за да им се придружи на своите колеги на состанокот на Европската политичка заедница во четврток.

Слични содржини