Зеленски и Мицотакис разговарале за зајакнување на украинските сили за ПВО

Исто така, се согласивме да ја забрзаме работата на билатералниот безбедносен договор заснован на декларацијата на Г-7 од Вилнус, вели Зеленски.

од Бети Божиноска
210 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис телефонски разговарале за зајакнување на воздушната одбрана на Украина, пренесува „Укринформ“.

„Разговарав со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за спроведувањето на нашите договори постигнати за време на неговата неодамнешна посета на Украина, како и за нашата континуирана соработка на полето на одбраната, особено во однос на зајакнувањето на нашата противвоздушна одбрана“, објави Зеленски на својот канал на „Телеграм“.

Според украинскиот претседател, грчкиот премиер на 6 март во Одеса имал можност од прва рака да сведочи за важноста од сигурна заштита на украинското небо. Зеленски го информирал соговорникот и за утринскиот руски ракетен напад врз Киев.

„Исто така, се согласивме да ја забрзаме работата на билатералниот безбедносен договор заснован на декларацијата на Г-7 од Вилнус“, вели Зеленски.

Како што потсетува киевската агенција, утрото на 6 март руската армија ја нападна Одеса, а експлозијата се слушнала на средбата меѓу Зеленски и Мицотакис. Во нападот се убиени и ранети цивили.

Слични содржини