Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека мировните преговори со Русија почнуваат да „звучат пореалистично“, но дека е потребно повеќе време за да се постигне напредок.
„Состаноците продолжуваат и информиран сум дека позициите за време на преговорите веќе звучат пореално. Но, потребно е време за одлуки кои ќе бидат во интерес на Украина“, рече Зеленски во своето последно обраќање, пренесува Ројтерс.
Преговорите меѓу Русија и Украина продолжуваат и денеска.
Украинскиот преговарач Михаило Подољак рече дека имало „суштински противречности“ во претходните рунди разговори, но дека има и „извесен простор за компромис“.
Барањето на Русија за прекин на конфликтот е Украина формално да се откаже од намерата некогаш да се приклучи на НАТО и формално да ги признае провинциите Доњецк, Луганск и Крим.