Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави денеска дека за време на преговорите со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, детално разговарал за потребата да и се дозволи на Украина да користи западно оружје со долг дострел на воени објекти на територијата на Русија.
„Секој кој едноставно гледа на мапа каде Русија удира, каде подготвува сили и чува резерви, каде лоцира воени објекти и каква логистика користи – секој што го гледа сето ова очигледно разбира каква е употребата на оружје со долг дострел. За ова детално разговарав со Ентони Блинкен и Дејвид Лами, државниот секретар на САД и британскиот министер за надворешни работи, кои неодамна беа во Киев“, рече Зеленски, пренесе Укринформ.
Тој додаде дека се надева дека по тие разговори нема да има прашања зошто на Украина и треба доволно оружје со долг дострел и да ја принуди Русија да бара мир.
„Навистина се надеваме на резултати од нашите партнери“, рече украинскиот претседател. Тој истакна дека додека Украина ја чека испораката на ветените системи за противвоздушна одбрана, пред се „Патриот“, „Русија продолжува да ја напаѓа Украина, а на рускиот диктатор за тоа не му се потребни никакви дозволи“.
Зеленски најави дека овој месец ќе се сретне со американскиот претседател Џозеф Бајден за да го претстави својот „победнички план“ за тоа како да се стави крај на две и полгодишната војна со Русија. „Мојата средба со претседателот Бајден е планирана. Ќе му го претставам планот за победа“, рече Зеленски на меѓународната конференција во Киев.