Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рускиот напад врз нуклеарната централа во Запорожје можел да предизвика уништување колку „шест Чернобил“.
Би-би-си емитуваше делови од неговото телевизиско обраќање, кое започна со: „Народе Украина! Преживеавме ноќ што можеше да го запре текот на историјата – историјата на Украина, историјата на Европа“.
Зеленски рече дека Русија знае што прави кога истрела гранати директно на станицата и тоа го нарече „чин на терор на невидено ниво“.
Обраќајќи им се на Русите, тој рече: „Како е тоа воопшто можно? Зарем не се боревме заедно против последиците од катастрофата во Чернобил во 1986 година?“ И ги повика да излезат на улица и да и кажат на својата влада дека сакаат да живеат.
Зеленски повика и на зона на забранети летови над Украина и санкции против „нуклеарната терористичка држава“. „Радијацијата не знае каде е Русија. Радијацијата не ги познава границите на вашата земја“, предупреди тој.
Во исто време, руските власти ги отфрлија обвинувањата на Киев дека гранатирала нуклеарна централа и ги обвинија украинските власти за пожарот што избувна таму.