Зеленски: Повторно имаме ѕид во Европа, Русија е терористичка држава

од Milan1
177 прегледи

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска истакна дека во Европа повторно има ѕид, а не е Берлинскиот, туку ѕидот што ја дели слободата од недостатокот на слобода.

Во своето обраќање пред германскиот Бундестаг, Зеленски рече дека зборува по три недели од војната што Русија ја води против Украина и осум години од војната во Донбас.

Тој ја обвини Русија дека уништила се што изградиле Украинците, од болници, преку училишта, до цркви и дека во трите недели од војната биле убиени илјадници Украинци, меѓу кои 108 деца, додавајќи дека тоа се случува во средината на Европа во 21 век.

Тој критикуваше дека меѓународната заедница предоцна презела многу чекори, поради што санкциите не се доволни за да се запре војната.

Зеленски рече дека е болно да се види како германските концерни ги одржуваат врските со Русија, а тие деловни врски се користат за финансирање на војната.

„Ние се бориме за нашите животи и сигурни сме во она што го чувствувавме претходно, а светот не го виде јасно. Нè дели ѕид, ѕид во Европа кој ја дели слободата од неслободата, а тој ѕид расте со секоја бомба и секоја недонесена одлука“, рече тој.

Зеленски потсети дека Украина и се обрати на Германија и рече дека Северен тек е подготовка за војна, а како одговор беше речено дека се работи само за економија.

„Прашавме што треба да направи Украина за да влезе во НАТО, а потоа добивме одговор дека одлуката се уште не е на дневен ред. Сега прашуваме дали Украина треба да влезе во ЕУ. За некои тоа е политика, но тоа е и камен за овој нов.ѕид ако не ни дозволат.Кога баравме превентивни санкции кои ќе му покажат на агресорот дека си силен видовме дека доцнат поради економијата“, истакна Зеленски.

Тој апелираше до Германците, во име на Украинците, да ја поддржат Украина во оваа војна.

„Ние се бориме за слобода, ги браниме вредностите без ваша поддршка. Зошто сега ни е поблиску земјата преку океанот? Затоа што имаме ѕид што не го гледаме, но станува се поголем“, рече тој.

Во своето обраќање тој им се заблагодари на германските граѓани кои им помагаат на Украинците, на новинарите за искреното известување и прикажувањето на злото направено од Русите и на германските компании кои не ја ставија економијата над се друго.

„Ние сме Украина, ние сме во Европа. Тешко е да се одбрани Украина и Европа без помош на светот“, рече Зеленски.

Зеленски ја нарече Русија терористичка држава

Украинскиот претседател ја нарече Русија „терористичка држава“, наведувајќи дека рускиот напад на Мариупол не се разликува од опсадата на Ленинград за време на Втората светска војна.