Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ги отфрлил сите мировни предлози, вклучително и оние од Соединетите Американски Држави, и дека нема знаци дека сака да ја запре војната.
„Русија ги отфрла сите мировни предлози, вклучително и оние од Соединетите Американски Држави. Путин размислува само за војна тоа е факт. Можеби тој го поврзува својот политички опстанок со способноста да убива: сè додека убива – тој живее. Нашите разузнавачки служби го потврдуваат ова“, рече Зеленски во обраќањето пред учесниците на пленарната сесија на Форумот за одбранбена индустрија како дел од самитот на НАТО во Хаг.
Тој тврди дека Русија дури и планира нови воени операции на територијата на НАТО.
„Оваа војна моментално е во тек во Украина и треба добро да се подготвиме, да бидеме подготвени. За Путин сега да застане во Украина, потребно е да се разбере дека неговите цели одат подалеку од Украина“, нагласи украинскиот лидер.
Тој додаде дека европските земји мора да ги зголемат трошоците за одбрана, оценувајќи дека 5% од БДП е „вистинската одлука“.
Тој, исто така, повика на поактивна поддршка за одбранбените капацитети на Украина.
„Им благодарам на секоја земја, на секој лидер кој веќе одлучил да насочи дел од националниот буџет за одбрана за поддршка на Украина. Доколку секоја европска земја издвои најмалку 0,25 проценти од својот БДП за ова, а ние сме благодарни на оние кои даваат повеќе, како што се Холандија, Норвешка и Шведска, како и за толку силни обврски какви што презеде Германија, тогаш шансите за мир во Европа ќе се зголемат“, нагласи Зеленски.
Според него, потенцијалот на украинското одбранбено производство надмина 35 милијарди долари.
„Нашиот производствен потенцијал во одбранбената индустрија надмина 35 милијарди долари. Тој вклучува речиси 1.000 видови производи, од артилерија и традиционални оклопни возила до модерни беспилотни летала од сите видови и ракети. Но, околу 40 проценти од овој потенцијал нема соодветно финансирање“, рече Зеленски.
Тој истакна дека Украина може да произведува над 8 милиони беспилотни летала од различни видови секоја година, но финансирањето не е доволно.
„Во исто време, Русија ги користи не само своите приходи од нафта за одбрана, туку и ресурсите на режими како Северна Кореја и Иран, како и корумпираните врски на Русија во други земји. Затоа, нашата обединета солидарност е најдобриот одговор на руската воена мрежа“, додаде Зеленски.
Тој нагласи дека Украина е отворена за различни форми на соработка во одбранбениот сектор и ги повика учесниците на форумот да ги зголемат инвестициите во Украина во заедничко производство на оружје.
„Целото оружје што го произведуваме ќе стане дел од нов, помоќен европски систем за одбрана и безбедност“, нагласи Зеленски.
Денес во Хаг започна дводневен самит на НАТО, каде што ќе се дискутираат три главни теми – зголемување на трошоците за одбрана, градење на производството на одбрана и продолжување на помошта за Украина.