Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја обвини Русија дека се обидува да манипулира и да ги поткопа договорите постигнати во Саудиска Арабија.
„За жал, веќе сега, денес, на самиот ден на преговорите, гледаме како Русите веќе почнаа да манипулираат. Тие веќе се обидуваат да ги извртуваат договорите и всушност да ги измамат и нашите посредници и целиот свет“, рече Зеленски.
Тој предупреди дека „Москва секогаш лаже“ и дека од меѓународната заедница зависи дали ќе дозволи ваквата ситуација да продолжи, пренесува „Укринформ“.
Зеленски нагласи дека акциите на Москва во наредните денови ќе одредат дали ќе бидат преземени нови мерки против Русија, но дека Украина ќе направи се за да функционира дипломатијата. „Како Русија ќе се однесува во наредните денови ќе покаже многу, ако не и сè. Ако повторно има воздушни тревоги, ако повторно има воени активности во Црното Море, ако повторно има руски манипулации и закани, тогаш ќе треба да се преземат нови мерки конкретно против Москва“, рече украинскиот лидер, пренесе Танјуг.
Зеленски упати предупредување до Русија, нагласувајќи дека Украина ќе возврати на секој потенцијален напад и дека, како што рече, одговорноста ќе ја имаат Русите.