Зеленски: Руската агресија во Украина може да донесе глад во светот

од Milan1
236 прегледи

Нападот на Русија врз Украина може да предизвика глад во други земји во светот, предупреди денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обраќањето пред италијанскиот Парламент, повикувајќи на поголема помош во борбата против агресорите.

Обраќајќи им се на италијанските пратеници преку видео врска, Зеленски рече дека неговиот народ се бори за опстанок додека руската армија ги уништува украинските градови и убива цивили.

„За руските војници Украина е вратата кон Европа која сакаат да ја пробијат, но не смее да се дозволи варварите да го направат тоа, рече тој, додавајќи дека ефектите од војната веќе се чувствуваат во многу делови од светот.

„Најлошото е што на некои земји им се приближува гладот. Украина отсекогаш била еден од најголемите извозници на храна, но како можеме да посееме род под руски артилериски напади“?, праша украинскиот претседател.

Земјите како Либан, Египет, Јемен и други во последните години зависат од украинската пченица, а војната предизвика голем пораст на цените на пченицата, за дури 50 проценти во последниот месец.

Италијанскиот премиер Марио Драги изјави дека Украина пружила „херојски” отпор на руската инвазија и вети дека ќе продолжи да им помага на бегалците и да испраќа воена помош.

„Ароганцијата на руската влада се соочи со достоинството на украинскиот народ, кој успеа да ги потисне експанзионистичките цели на Москва и да и нанесе огромна цена на окупаторската војска“, рече Драги.

Украина долго време сака да влезе во ЕУ и неодамна аплицираше за членство. Драги рече дека тоа е долг процес бидејќи треба да се спроведат многу реформи.

„Сакам да му кажам на претседателот Зеленски дека Италија е на украинската страна во овој процес. Италија ја сака Украина во Европската унија“, потенцираше тој.