Во интервју за подкастот „The Rest is Politics“, кој го води Аластер Кембел, Зеленски изјави дека се обидел да ѝ го сврти вниманието на Белата куќа кон, како што тврди, сè потесната соработка меѓу Москва и Техеран во нападите врз американски цели на Блискиот Исток.
Според неговите зборови, руски воени сателити снимале клучна енергетска инфраструктура во државите од Персискиот Залив и во Израел, како и локации на американски воени бази. Тие информации, тврди тој, потоа биле проследувани до иранските власти за да се олесни планирањето на нападите, пренесува „Гардијан“.
„Тоа го кажав јавно. Дали слушнавме реакција од САД кон Русија дека тоа мора да престане?“, праша Зеленски, додавајќи: „Проблемот е што му веруваат на Путин. И тоа е штета.“
Украинскиот претседател оцени дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп не ги разбира целосно вистинските цели на Русија. Како причина наведе дека пратениците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, „поминале премногу време“ во контакт со руското раководство.
Според него, двајцата функционери минатата година петпати престојувале во Москва, додека Киев не го посетиле. Во меѓувреме, Вашингтон го зголемува притисокот врз Украина да прифати отстапки во источниот регион Донбас, каде што се водат најжестоките борби. Путин претходно изјави дека би можел да прифати примирје доколку Украина го отстапи тој регион.
Зеленски предупредува дека такво сценарио само би ја охрабрило понатамошната руска експанзија. Тој тврди дека Москва не би застанала на Донбас, туку би се обидела да ја прошири контролата и врз други големи градови како Днипро и Харков.
„Американците делумно мислат дека Донбас не е нешто што ги засега“, изјави тој, додавајќи дека веруваат оти можат да му веруваат на Путин, иако, според него, рускиот претседател нема да се откаже од своите цели.
Тој се осврна и на посетата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Будимпешта, каде што го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан во пресрет на изборите, оценувајќи дека тој потег „не е од помош“. Сепак, нагласи дека нема да се меша во изборите и порача дека одлуката треба да ја донесат унгарските гласачи.
Зеленски воедно ја повика Европа да ги зајакне сопствените одбранбени капацитети во време кога САД размислуваат за намалување на ангажманот во НАТО. Тој предложи поширока безбедносна соработка на Европската унија со Украина, Обединетото Кралство, Турција и Норвешка, со цел создавање блок способен да ја одврати Русија.
„Без Украина и Турција, Европа нема да има воена сила споредлива со Русија. Со Украина, Турција, Норвешка и Обединетото Кралство можно е да се контролира безбедноста на морето“, порача тој.
Тој е уверен дека Украина еден ден ќе стане членка на Европската унија.