Украина останува на својот предлог барем да не се напаѓа цивилната инфраструктура и очекува јасен одговор од Москва, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој истакна дека Русија го отфрлила не само американскиот предлог за целосен и безусловен прекин на огнот, туку и вчерашниот предлог, „предлог за продолжување на активностите насочени кон мир по Велигден“.
„Сето ова уште еднаш покажува што навистина сака Москва. Сепак, Украина останува на својот предлог да не се напаѓа барем цивилната инфраструктура. И очекуваме јасен одговор од Москва. Подготвени сме за каква било дискусија како да го обезбедиме тоа”, нагласи украинскиот лидер во вечерното видео обраќање, пренесува украинскиот Интерфакс.
Според него, прекинот на огнот е првиот, сигурен чекор кон мирот.
„Постои очигледен, наједноставен и најсигурен начин, а тоа е: запрете ракетни напади и напади со беспилотни летала со долг дострел, а тоа автоматски ќе ја гарантира безбедноста на целата цивилна инфраструктура“, додаде Зеленски.
Тој истакна дека руските напади продолжиле и по целата линија на фронтот.