Зеленски вели дека „планот за победа“ ја штити Европа, според Орбан тој е повеќе од страшен

од Milan1
26 прегледи

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Брисел го претстави својот План за победа пред лидерите на ЕУ и рече дека ако се следи, на војната во Украина може да и се стави крај следната година.

„Како можеме да ја направиме Русија подготвена за вистинска дипломатија и да ја принудиме да прифати праведен мир? Тоа е вистинско прашање. На тоа одговара победничкиот план“, рече Зеленски, обраќајќи им се на лидерите на ЕУ на почетокот на самитот на Европскиот совет.

Тој оцени дека Планот за победа е „мост до успешен втор мировен самит“.

„Можете да помогнете ова да стане реалност. И тоа ќе ја заштити не само Украина, туку и балтичките земји, нордиските земји, Полска, Балканот и другите региони, како и другите партнери“, рече Зеленски. Тој ги повика лидерите на ЕУ да работат заедно за да се запре војната во Украина и да се обезбедат услови за мир.

„Вашето единство е оружје и тоа е оружје што значи едно за сите нас: безбедност“, рече Зеленски. Во исто време, тој изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „се подготвува да ја засили војната, а не да ја заврши“ и дека ја има поддршката од Северна Кореја и Иран, како и дека Киев „доби сигнали дека Кина сè уште активно ѝ помага на Русија во продолжувањето на војната“. Тој додаде дека целта на неговиот план е да ја зајакне не само Украина, туку и евроатлантската заедница.

„Ако почнеме сега и го следиме планот за победа, оваа војна можеме да ја завршиме најдоцна следната година“, рече Зеленски. Зборувајќи за петте точки кои го сочинуваат планот, тој оцени дека ќе биде одлучувачко доколку Украина добие покана за членство во НАТО. Тој исто така посочи дека притисокот врз Русија на бојното поле мора да се продолжи и повика „војната да се врати во Русија за Русите да почувствуваат каква е војната и да почнат да го мразат Путин поради неа“.

Тој додаде дека Украина им предлага на клучните партнери, ЕУ, САД и заедничките глобални партнери, да постигнат посебен договор за заштита на критичните ресурси на Украина, заеднички инвестиции и канализирање на релевантниот економски потенцијал за заеднички раст.

„Овој договор мора да содржи доволно силни санкции за Русија да не може да не надигрува“, нагласи тој.

Зеленски, исто така, изјави дека, по војната, Украина ќе има стотици илјади опремени војници со модерно борбено искуство и предложи украинските сили да поддржат други сили со замена на некои американски контингенти со свои војници, особено во Европа.

„Украина е подготвена за вистинска дипломатија, но ние мора да бидеме силни за тоаа, рече Зеленски и оцени дека „обединетиот притисок врз Русија и зајакнувањето на Украина“ се клучни за завршување на оваа војна „на начин што ќе ја спречи Русија да ја започне повторно“. Тој, исто така, побара да не се ублажуваат санкциите против Русија и ги повика лидерите на ЕУ што поскоро да и обезбедат на Украина поддршка од 35 милијарди евра.

„Вашата политичка одлука да и доделите 35 милијарди евра на Украина според резолуцијата на Г7 во врска со 50 милијарди долари замрзнати руски средства е исклучително важна и треба да се спроведе што е можно поскоро. Русија мора да плати за настанатата штета. Заедно мораме да го доближиме мирот“, рече Зеленски.

Планот за победа, кој Зеленски вчера го претстави пред Врховниот совет на Украина, вклучува пет точки: првата е геополитичка, втората и третата се воени, четвртата е економска и петтата е безбедносна. Првите четири точки се однесуваат на военото време, додека последната се однесува на времето по завршувањето на војната, „за да се спречи нова инвазија“. Советот на ЕУ на 9 октомври се согласи да и обезбеди на Украина помош во износ од 35 милијарди евра, како и нов механизам кој ќе и помогне на Украина да отплати заеми во износ до 45 милијарди евра.

„Планот за победа“ на Зеленски го коментираше и унгарскиот премиер виктор Орбан.

Планот за победа на украинскиот претседател Володимир Зеленски е повеќе од страшен, а Европската унија мора да ја промени стратегијата од воена во мировна, смета унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во објава на Фејсбук Орбан ја повика ЕУ да ја промени стратегијата. Според него, ЕУ губи затоа што во конфликтот во Украина „лошо дизајнирана, лошо спроведена и лошо пресметана стратегија, за која првенствено е одговорна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен“.

„Потребни се промени! Но, тоа не значи дека ни треба повеќе војна, поопасно оружје и оружје со долг дострел, туку дека треба да преминеме од воена стратегија на мирoвна стратегија. Ни треба прекин на огнот и мировни преговори“, додаде Орбан.

Унгарскиот премиер во објавата вели дека на самитот на ЕУ ќе ги покани францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц да започнат преговори со Руската Федерација во име на ЕУ за решавање на конфликтот во Украина.

Слични содржини