Мал астероид ќе влезе во орбитата на Земјата кон крајот на септември и ќе остане таму помалку од два месеци, што значи дека привремено ќе имаме два природни сателити. Овој астероид, наречен 2024 PT5, беше откриен на 7 август преку системот АТЛАС.
Од 29 септември до 25 ноември, објектот ќе биде „заробен“ во гравитацијата на Земјата, извршувајќи еден круг околу нашата планета пред да продолжи по својата патека. Според научниците Карлос и Раул де ла Фуенте Маркос од Универзитетот Комплутенсе во Мадрид, овој астероид е со дијаметар од само десет метри, што го прави невидлив со голо око, објави USA Today.
Иако ретко, вакви „мини-месечини“ понекогаш се појавуваат во орбитата на Земјата, како што се случи во 2006 и повторно во 2020 година. Истражувачите претпоставуваат дека 2024 PT5 потекнува од астероидниот појас „Арџуна“ и дека повторно ќе се врати во 2025 година.