Земјата руши глобални топлотни рекорди десет месеци по ред

од Сенада Ибраимова
177 прегледи

Службата за следење на климатските промени на ЕУ, Коперник, во вторникот објави дека овогодинешниот март бил најтоплиот во историјата на мерењата, со што ја продолжува 10-месечната серија во која секој последователен месец поставува нов топлотен рекорд, при што температурите на површината на морето достигнуваат нов апсолутен месечен рекорд за глобалната морска температура.

Според Месечниот билтен на Коперник, секој од последните десет месеци е рангиран како најтопол некогаш забележан во светот во споредба со соодветниот месец во претходните години.

Така, не само десеттиот последователен месец го собори сопствениот топлотен рекорд, туку и „глобалната просечна температура во последните 12 месеци е највисока досега забележана“ и го надминува прединдустрискиот просек за 1,58 степени Целзиусови поради децениските емисии на стакленички гасови, чиј ефект од средината на 2023 година, особено е нагласен со феноменот Ел Нињо, рече Саманта Бурџис, заменик-шеф на Службата за климатски промени Коперник.

Сетот на податоци на Коперник датира од 1940 година, а научниците го споредија со други релевантни податоци за да потврдат дека минатиот месец беше најтоплиот март од прединдустриското време.

2023 година веќе беше најтоплата година на планетата според светските рекорди кои постојат од 1850 година.

Екстремните временски услови и исклучителните температури направија хаос на глобално ниво оваа година. Сушата предизвикана од климатските промени во дождовните шуми на Амазон меѓу јануари и март поттикна рекорден број шумски пожари во Венецуела, додека сушата во јужна Африка ги уништи посевите и остави милиони луѓе да се соочат со глад.

Рекордно затоплување на површината на морињата

Бурџис рече дека податоците за морињата и океаните „не се помалку шокантни“, бидејќи новиот глобален рекорд на температурата на површината на океаните поставен во февруари беше повторно надминат во март.

Океаните покриваат 70 отсто од планетата и ја одржуваат површината на Земјата погодна за живеење, апсорбирајќи 90 отсто од вишокот топлина произведена од загадувањето со јаглерод диоксид што произлегува од човековата активност од почетокот на индустриската ера.

Научниците минатиот месец предупредија дека затоплувањето на океаните на јужната хемисфера ќе доведе до масовно белење на коралите и дека тоа може да биде најопасно во историјата на планетата.

Примарната причина за исклучителната топлина се емисиите на стакленички гасови предизвикани од човекот, се вели во билтенот на Коперник.

Други фактори кои влијаат на зголемувањето на температурата се Ел Нињо, природен метеоролошки феномен поврзан со затоплувањето на површинските води на источниот екваторијален Тихи Океан, кое се случувало циклично во период од три или осум години.

Ел Нино го достигна својот врв во декември и јануари и сега слабее, што може да помогне да се прекине жешката серија кон крајот на годината.

„Главниот двигател на затоплувањето се емисиите на фосилни горива“, вели Фридерике Ото, климатски научник од Институтот Грантам на лондонскиот Империјален колеџ.

Неуспехот да се намалат овие емисии ќе продолжи да го поттикнува затоплувањето на планетата, што ќе резултира со поинтензивни суши, пожари, топлотни бранови и обилни врнежи, предупреди Ото.

 

 

 

Слични содржини