Комисијата за спречување и заштита од дискриминација бележи двојно зголемување на бројот на претставки во однос на минатата година, покажува Годишниот извештај за работата на Комисијата за 2023 година. Сексуалната ориентација, родовиот идентитет, националната и етничка припадност, како и политичкото уверување остануваат најчестата основа за пријава на дискриминација.
Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Игор Јадровски, на денешната презентација на Годишниот извештај истакна дека, иако се забележува зголемена видливост на Комисијата како место на кое граѓаните бараат заштита на своите права, сепак степенот на запознаеност на граѓаните за надлежностите на комисијата е низок.
Во споредба со 2022 година, вели Јадровски, има тренд на намалување на дискриминацијата врз национална и етничка припадност, но пораст на случаите на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и етничкиот родов идентитет. Во текот на 2023 година, Комисијата работела на вкупно 599 предмети против дискриминација, од кои 523 се отворени во 2023 година, а 76 предмети се префрлени од претходната 2022 година.