Откако вчера беше предложена Кризна состојба во земјава, а Владата заседаваше синоќа по тоа прашање, Академик д-р. Жан Митрев посочи:
„Јас од своја страна ја поддржувам секоја иницијатива за ставање на сите расположливи капацитети на располагање. Уште од самиот почеток на пандемијата во месец март, ние понудивме 40 болнички кревети за интензивна нега за потребите на државата. Во меѓувреме, ситуацијата со бројот на ковид-пациенти ескалираше. Свесни сме дека состојбата е тешка и со месеци наназад, како во јавното здравство така и кај нас, имаме огромен притисок од пациенти. Нема слободен кревет и има листа на чекање, која секојдневно се зголемува“, вели академик Митрев.
Митрев посочи и дека работат во полна пареа, но посочи и дека персоналот е веќе изморен, а дел од нив е и во изолација.
„Моментално 80 кревети се пополнети и имаме над 30 пациенти, кои чекаат да добијат слободен кревет. Како се отпуштаат оздравените на дневно ниво, така се пополнуваат сите кревети. Бидејќи ситуацијата е навистина сериозна, јас и целиот свој тим се ставаме на располагање да помогнеме со нашето знаење и искуство, кое го имаме од третирање на најтешките форми на инфекциите од Ковид-19“, вели академик д-р Митрев.
На крајот и додаде дека стојат на располагање за разработка на дополнителни детали, како и понатамошни насоки од надлежните.