Социјалистичката партија на шпанскиот премиер Педро Санчез, која ја предводи малцинската левичарска коалициска влада, постигна конечен договор за помилување на сепаратистичките лидери со каталонските партии кои се залагаат за независност во замена за нивната поддршка во Санчез да остане во парламентот до крајот на неговиот втор мандат во 2027 година, пишува „Еурактив“.
„Денеска е голем ден затоа што со законот за амнестија се става крај на репресијата и е почеток на крајот на кошмарот што значеше затворање, прогон и закани за стотици луѓе кои ја бранат каузата за каталонската независност,“ истакна каталонскиот сепаратистички претседател, Пере Арагонес.
Според договорот, шпанската влада ќе ги помилува каталонските сепаратисти кои се обвинети за бунт и за тероризам поради нивната улога во неодобрениот референдум за независност на Каталонија што се одржа во 2017 година и во протестите што следуваа.
Во замена за амнестијата, двете главни каталонски сепаратистички партии – десничарската партија Хунтс (JxCat) и нејзиниот левичарски ривал ЕРЦ- ќе ја поддржат кандидатурата на Санчез за уште еден четиригодишен мандат и ќе ѝ ги дадат на Социјалистичката партија потребните гласови за мнозинство во парламентот.
Поранешниот претседател на Каталонија и лидер на Хунтс, Карлес Пуџдемон, кој живее во самонаметнат егзил во Белига откако тој и стотина други беа обвинети за водење на движењето за независност, одби да го подржи Санчез без „сеопфатна амнестија“ која ги вклучува сите лица поврзани со процесот за независност и „е во потполна согласност со Уставот, правото и јуриспруденцијата на ЕУ и со најдобрите европски и меѓународни стандарди,“ се наведува во денешното соопштение на овие партии.
Санчез долго време инсистираше на помилување на сепаратистите тврдејќи дека е тоа единствениот начин Шпанија да продолжи понатаму.
Лидерот на конзервативната опозициска Народна партија (ПП), Алберто Нуњез Фејо, денеска ја окарактеризира спогодбата како скандалозна. Во коворот на конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Букурешт, тој ја обвини владата на Санчез дека дозволила многу тешки злосторства да пројдат неказнето.
Со констатацијата на Нуњез се сложи и претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, кој го обвини Санчез дека е марионета на Пуџдемон.
Спорниот Закон за амнестија би можел да биде одобрен во шпанскиот парламент до крајот на мај или почетокот на јуни, само неколку дена пред европските избори.