Жиофре: ЕУ е најдобрата перспектива за Западен Балкан, за мир и просперитет

од Илинка Илиоска
13 прегледи

Шефот на делегацијата на Европската унија, Емануел Жиофре (Giaufret) денеска изјави дека ЕУ е најдобрата перспектива за Западен Балкан, за мир и просперитет.

„ЕУ е најдобрата перспектива за Западен Балкан, за мир и просперитет, додека членството во Унијата е достижно“, рече Жиофре, на почетокот на 20-та конференција на Комитетот за европска интеграција/прашања на земјите учеснички во Процес за стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа.

Тој рече дека е неопходно да се здружат силите, додавајќи дека ЕУ соработува со сите клучни актери во земјава, оценувајќи дека парламентот има важна улога.

Според него, улогата на граѓанското општество е важна, додека Западен Балкан треба да разбере дека неодамна објавените извештаи се средство за забрзување на реформите.

Жиофре рече дека ЕУ го усвои Планот за раст, кој ја вклучува реформската агенда што Србија ја прифати.

Шефот на делегацијата на ЕУ од последниот извештај ги спомена регионалната соработка и добрососедските односи кои се од суштинско значење за напредокот на патот кон ЕУ.

„Продолжуваме да го поддржуваме Западен Балкан политички и финансиски“, рече Жиофре и повтори дека ЕУ не е целосна без тој дел од Европа.

Министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ на отворањето на конференцијата рече дека Србија со досега преземените мерки ја изразила својата подготвеност и кредибилитет за процесот за членство во ЕУ.

Според неа, Србија направила многу во владеењето на правото, но мора да ги следи трендовите и да ги решава предизвиците во таа област.

Министерот зборуваше за Планот за раст, нов инструмент претставен пред една година од Европската комисија, кој има за цел да го зајакне економскиот раст во процесот на приближување кон ЕУ.

Таа нагласи дека овој план не е замена за процесот на пристапни преговори со ЕУ и дека покрај овој план, кој е дополнителна алатка, има и ИПА фондови.

Во Белград се одржува 20. Конференција на Комитетот за европска интеграција на земјите учеснички во процесот за стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа (КОСАП). Конференцијата е форум за редовна размена на мислења поврзани со Процесот за стабилизација и асоцијација, програмата за членство во ЕУ на земјите во Процесот, како и процесот на проширување на ЕУ.

Конференцијата ја отвори претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, а на два панели на конференцијата учествуваа и претставници од Унгарија и Полска.

Слични содржини