Бидејќи на Стариот континент се оди побавно отколку на истокот од планетата, така овде се уште се соочуваме со многу високи цени на електричните возила. Како што одминува времето, секако се очекува дека цените ќе бидат пониски, а во Кина тоа време веќе дојде. Освен тоа, доколку се дозволи да се продаваат во Европа, кинеските електрични возила сериозно би ги загрозиле европските производители.
Според анализата на Jato Dynamics, дури и европските е-модели што се продаваат во Кина почнаа да губат популарност поради високите цени.
Просечните цени на кинеските електрични возила се намалија од околу 40.000 на 22.000 евра. Брендовите Nio, Ora и Wey се во предност во таа насока. Најевтиниот електричен автомобил таму чини 3.700, а за споредба, најприфатливиот е-автомобил во Европа е над 12.000 евра. Исто така, просечната цена на е-возилата во ЕУ се зголеми за 10.000 евра од 2011 година и изнесува околу 42.000, додека во САД е околу 36.000 евра.
Значи, кинеските производители на електрични автомобили во моментов имаат голема предност пред европските и американските, објаснуваат од Jato Dynamics. Засега, тоа е голем проблем за европските марки што се појавуваат на кинескиот пазар, но заостанувањето може да се покаже како многу скапо на европскиот пазар, пишува „ХАК“.
Порше или Мерцедес имаат свои фанови и секогаш ќе имаат, но во сегментот на возила за масовна публика, Кинезите имаат предност – цената на нивните електрични автомобили падна толку многу што кинеската влада ги намали субвенциите за нивно купување. Дури и теренецот ИД.4 на Фолксваген се соочува со сериозни проблеми во Кина, каде што неговите бројки за продажба не се идеални.