ЗНМ: Осуда за правниот притисок кон Гоце Михајлоски и Михаела Димовска од ТВ Канал 5 од страна на Левица

од Симе Стоиков
326 прегледи

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува неоснованите приватни кривични тужби од страна на политичката партија ЛЕВИЦА кон новинарот и уредник Гоце Михајлоски и новинарката Михаела Димовска од Канал 5 телевизија.

Конкретно, политичката партијата Левица денеска преку соопштение информираше дека поднеле приватна кривична пријава против главниот и одговорен уредник на Канал 5 ТВ, Гоце Михајлоски, и новинарката Михаела Димовска, поради тоа што во прилог во вестите наводно бил објавен интерен партиски документ.

Во соопштението се додава дека пријавата е за кривичното дело „Неовластено објавување личен запис“, казниво по чл. 148 од Кривичниот законик, и потенцираат дека за истото е „запретена парична и затворска казна до една година“.

Цениме дека ваквата кривична пријава претставува злоупотреба на правните механизми со цел да предизвика несигурност и самоцензура кон новинарите и медиумите во ваков сензитивен период на предизборие.

Проблематично е и што претседател на политичка партија на социјални мрежи објавува саркастични коментари за овие правни закани кон новинарите, бидејќи на овој начин може да се поттикне говор на омраза кон новинарите и медиумските работници.

Ваквите тужби, посебно кога се иницирани од политичари, пратеници и носители на јавни функции, можат да предизвикаат самоцензура кај новинарите а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните. Овие тужби во контекст на Советот на Европа се познати како стратешки тужби за спречување на јавно учество (SLAPP).

Слични содржини