Роботската нога која може целосно да се контролира од мозокот и ‘рбетниот мозок им овозможи на седум лица без потколеници да одат исто толку брзо како и оние чии нозе не се ампутирани.
Бионичкиот екстремитет користи компјутерски интерфејс кој ги засилува нервните сигнали од мускулите на остатокот од ногата и му овозможува на корисникот да ја движи протезата преку сопствените мисли и природните рефлекси, пишува „Нејчр“ (Nature).
Во клиничкото испитување со 14 луѓе, учесниците со овој интерфејс можеа да одат 41 отсто побрзо од оние со стандардни роботски нозе. Имаа и подобра рамнотежа и можност за промена на брзината, качување по скали и преминување на пречки.
„Ова е прва студија која демонстрира природни модели на одење со целосна неврална модулација каде што мозокот има 100 отсто контрола над бионичката протеза, наместо роботски алгоритам“, вели Хју Хер, биофизичар од Технолошкиот институт во Масачусетс во Кембриџ.
Иако екстремитетот е направен од титаниум и силициум и разни електромеханички компоненти, чувството е природно и екстремитетот природно се движи дури и без свесна намера.