Банките најдоа чаре за „Фени“, ама не можат да влезат во фабриката

од Vladimir Zorba

Три сериозни европски инвеститори, не ГГ друштва поврзани со македонски имиња, се заинтересирани да влезат во „Фени“, да го реструктуираат и да ги платат долговите кон доверителите, информираа денеска првите луѓе на Комерцијална банка, Силк роуд и Стопанска банка. Трите банки имаат побарувања во висина од 40 милиони евра од компанијата „Фени“ за која пред две недели побараа и покренување стечајна постапка.

Хари Костов, претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка, рече дека банките од стечајниот управник вчера и од синдикатот денеска побарале да овозможат заинтересираните инвеститори да влезат во „Фени“ и да направат увид во состојбата за да можат во блиска иднина да достават понуда за купување и план за реструктуирање.

Банките, како што рече Костов, не му веруваат на сегашниот сопственик „Кунико“ и наводниот инвеститор „Енекод“ дека имаат намера да вложат во реструктуирање на компанијата бидејќи досега не инвестирале ниту евро, но затоа пак се обидуваат да ја одолговлекуваат постапката за стечај.

– Очекуваме во иднина да преземат најразлични правни финти за да ја одолговлечат постапката, но не сме сигурни во крајната цел што сакаат да ја постигнат. Најверојатно сакаат да извлечат уште некое евро од фактурирањето на веќе продадените производи преку некоја од фирмите на „Кунико“ – рече Костов.

Несериозноста на сегашниот инвеститор „Енекод“, како што укажаа банките, се гледа и од фактот што сопственикот не го прифаќа ниту концентратот во вредност од 62.000 евра пристигнат во Солунското пристаниште и покрај тоа што за него дневно треба да плати 1.200 евра лежарина.

– Наводниот инвеститор „Енекод“ кој ја снабдуваше компанијата со електрична енергија не го продолжи ниту договорот за снабдување со струја, а не го продолжи ниту осигурувањето на имотот на компанијата и на нејзините вработени – појасни Костов.

За да ја одржат компанијата во производна форма и да привлечат посериозни инвеститори, трите банки, ги подмируваат трошоците за струја и другите потреби.

– Само за две недели за одржување инвестиравме 240.000 евра, но како банки ние немаме законски основ да исплаќаме плати на вработените. Тоа е одговорност на сопственикот и тоа го знаат работниците – рече Костов.

Според проценките на банките, идниот инвеститор треба да стартува со најмалку 20 милиони евра за обртни средства, стечајот и дел на обврските кон банките.

Во врска со информациите дека некои од инвеститорите се поврзани со имиња од земјава, Костов, рече дека ниту еден од нив не е поврзан со име од Македонија.

– Ако мислите дека Хари Костов има намера да го купи „Фени“ ве уверувам дека не е така. Јас нема толку пари да инвестирам бидејќи „Фени“ е скапа инвестиција – рече Костов.

Банките, како што изјавија нивните претставници, очекуваат брзо решавање на проблемот со „Фени“, под услов да нема неочекувани пречки кои би ги поставиле сегашните сопственици и да се најде инвеститор кој пред да почне стечајната постапка да одлучи да инвестира.

– Како можност се наметнува и решението компанијата да се даде под кирија и да работи додека се води стечајната постапка, а парите да се искористат за плаќање на долговите – рече Костов.

Ново судско рочиште за утврдување дали „Фени“ ќе оди во стечај е закажано за 29 ноември.

Повеќе тука

Слични содржини