Под отворено небо, на 23 јуни (четврток) во Градскиот парк во Скопје со почеток во 21 часот, оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на Емин Џијан и во негова оркестрација, ќе ги изведе најголемите хитови на највлијателниот поп- уметник на сите времиња Дејвид Боуви – „Let’s dance“, „China girl“, „Space oddity“, „Lazarus“, „Life on Mars“, „Ziggy Stardust“, „Ashes to Ashes“, „Rebel Rebel“, „The Man Who Sold The World“ и уште многу други незаборавни теми, мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“.

Покрај оркестарот на Македонската филхармонија, во изведба на композициите, кои овој пат ќе добијат поинаков и автентичен израз, ќе учествува и Женскиот хор при МКЦ, како и бенд во состав: Ади Имери, вокал и гитара, кој ќе ја има главната улога, Александар Поп Христов, гитара, Иван Бејков, бас, Благоја Перуновски, клавијатури и Мартин Вучиќ, тапани.
На огромните сликарски платна годинава ќе творат ликовните уметници Агрон Абдули и Ивана Младеновска, а фановите на британскиот пејач ќе добијат 20 илјади примероци од култната книга „Психоделија во предградието – Дејвид Боуви и уметничката лабораторија во Бекенам“ од Мери Финиган, која претставува приказна за почетоците на кариерата на големиот артист.