Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска поднесе Кривични пријави за директорите на Фондот за здравство за несовесно работење на службата во случајот со Тамара Димовска . Во координација со семејството ќе биде поднесена пријава и за министерот Тодоров.

Од документите што тие ги приложија случајот со малата Тамара требало да се реши за еден ден бидејќи и во двете конзилијарни мислења имаат назнака„итно“ . Тие ги обелоденија документите од кои се гледа дека од поднесување на барањето на 28-ми април 2014-та година до денот кога е одговорено, односно е донесена првата негативна одлука поминале цели шест месеци.

Од хронологијата на настаните се гледа дека Фондот барал мислење и од трите приватни болници во државата. Одговор добиле само од Аџибадем Систина каде се вели дека не се во можност да ја извршат операцијата. И покрај тоа барањето на Тамара е одбиено, по што семејството Димовски ја алармира јавноста.

„Одеднаш министерот Тодоров се заинтересира за случајот и излезе со изјава дека Фондот ќе го плати лекувањето. Министерот не може да одлучува во име на Фондот. И повторно институциите се однесуваат бирократски, бараат нова документација на која повторно има назнака „итност“. За тоа време деформацијата на рбетот од 40 степени се зголемува на 80 степени“, изјави Уранија Пировска извршна директорка на Хелсиншкиот комитет.

До денот на смртта на Тамара не било донесено никакво решение и покрај ветувањето на министерот Тодоров.





Слични содржини