Европскиот парламент (ЕП) по деветти пат побара од Европската унија да ги почне преговорите за членство со Македонија.  Ова е главната порака во Нацрт-резолуција на известувачот Иво Вајгл, што ќе биде усвоена на пленарна седница за еден месец, а денеска помина во Комитетот за надворешни работи, пренесува Утрински весник.

moger

Во последен момент во резолуцијата влегоа аферата „Пуч“, прислушувањата и генерално најновата политичка криза. ЕП е загрижен за поларизираната домашна клима и бара од нашата Влада да ја почитува улогата на парламентот, да обезбеди доволен обем и време за консултации (пред се’ за уставните измени) и да овозможи целосна, независна парламентарна контрола.

„Компромисите се од фундаментално значење за функционирање на демократијата. Постизборниот бојкот е проблем кој треба да се реши во духот на споделена одговорност меѓу Владата и опозицијата“, стои во нацрт-резолуцијата, со барање на крај шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини да посредува во договорот меѓу партиите.

ЕП е „сериозно загрижен поради влошувањето на односите меѓу Владата и опозицијата, особено во поглед на неодамнешната најава на обвиненијата против лидерот на опозицијата од страна на премиерот и, исто така, спротивставените обвинувања за кривични лоши дела. ЕП осудува каков било незаконски надзор и повикува сите наводи да бидат објавени, како и да се спроведе независна истрага за сите обвинувања за незаконско набљудување, со целосно почитување на принципите на транспарентност, непристрасност и пресумпцијата на невиност“, стои во резолуцијата.

Во Нацрт-резолуцијата се истакнува исто така и загриженост за загрозеноста на слободата на медиумите, за широко употребуваната самоцензура и што јавниот сервис известува во корист на владејачките партии. Пратениците сметаат дека проблемот со името не треба да го спречува отворањето на преговорите, туку да биде решен пред крајот на преговорите за членство и влегувањето на Македонија во ЕУ. Околу предложениот пакет на измени на Уставот, ЕП мисли дека некои од предлозите може да се подобрат во согласност со препораките на Венециската комисија, при што се бара почитување на Европската конвенција за човекови права и земање предвид на законодавството на Унијата.

Извор: Утрински весник

Слични содржини