Вчерашниот ден на фестивалот „Браќа Манаки“ преполент со активности , но клучното беше тоа што тоа беше денот за врвните кинематографери од Русија, Унгарија, како и француската кинематографска ѕвезда Ањес Годар. Вчера беше промовирана и монографијата за браќата Манаки, која по долгогодишно истражување на архивот во Битола ја подготви Роберт Јанкуловски.
Данил Фомичев, човекот зад камерата на рускиот филм „Како Виктор Лукчето го однесе Алексеј коњот во центарот за инвалиди“, говореше за работата со режисерот Александер Хант, како и за тоа кои филмски сценарија потешко проаѓаат кај руските продуцентски куќи.
-Со Алексеј се знаеме уште од студентските денови, кога работевме филмски вежби. Подоцна снимавме музички спотови и еве конечно го направивме и нашиот прв игран филм заедно. Алексеј има две дипломи – најпрво учел за кинематографер, а потоа и за режисер – вели Фомичев.
За естетиката на филмот, изведена во силни бои, иако се работи за прилично тажна тематика, Фомичев објасни дека целта им била да го освежат сивилото на атмосферата и условите во кои се снимало, па затоа го засилиле интензитетот на боите во процесот на пост продукција.
– За да ја постигнеме драматиката и да го доловиме карактерот на ликовите, ги поставувавме многу блиску до камерата и снимавме со широки објективи – вели Фомичев.
Тој истакна дека идејата на режисерот најпрво била да сними филм за затворите, но ниту една продукциска куќа не му одобрувала средства за такво сценарио. На крај, едноставно му го дале готовото сценариото за овој филм, кој обработува поуниверзална тема за татко кој бил отсутен од животот на детето за подоцна да се врати. Режисерот прифатил да снима според тоа сценарио и така настанал филмот „Како Виктор Лукчето го однесе Алексеј коњот во центарот за инвалиди“.
Една од ѕвездите на 38.издание на фестивалот „Браќа Манаки“ е француската кинематограферка Ањес Годар, која во 2013 година ја доби Златната камера 300 за особен придонес во светската кинематографија. Токму тоа гостување во Битола, по кое направила обиколка на Македонија, ја инспирирало да работи на филм кој ќе се снима во нашата држава.
Па така, соработката со режисерката Теона Стругар Митевска, резултираше со филмот „Кога денот немаше име“, кој ќе се прикаже вечерва на фестивалот. Ањес Годар оваа година е застапена со два филмови како кинематограферка, а нејзиниот втор филм „Нека влезе сонцето“ во режија на Клер Денис со Жулиет Бинош во главната улога, утревечер ќе го затвори ова издание на „Браќа Манаки“.
Ањес Годар веќе триесет години соработува со режисерката Клер Денис, а тајната на оваа долгогодишна соработка лежи во преклопувањето на нивните естетски преференци.
-Откако завршив факултет, снимив еден краток филм во чест на мојот татко, кој почина многу рано. Клер го виде тој филм и ми понуди да соработувам со неа. Оттогаш ние веќе 30 години работиме заедно. Успехот на нашата соработка е во тоа што нашите средби се одвиваат претежно на сетовите, не ја анализираме премногу нашата работа ниту пак нашиот меѓусебен однос на соработка, едноставно чувството за естетика ни се поклопува – вели Годар.
За соработката со Теона Митевска за филмот „Кога денот немаше име“, Годар објасни дека одамна имала желба да снима на овие простори.
-Мојот дедо за време на првата светска војна, во сплет на околности бил овде на овие простори. Јас за прв пат ја видов Македонија кога дојдов на „Браќа Манаки“ во 2013 година. Кога Теона Митревска ми го прати сценариото, веднаш бев заведена од темата за животот на македонските тинејџери. Бидејќи припаѓам на постара генерација, бев среќна што ќе имам можност да се сретнам со луѓе од различен дел од светот, со различна култура и од различна возраст- вели Годар.
Околу проблемите со кои се соочувала за време на снимањето, таа истакна дека во суштина тоа биле само предизвици кои ги надминале на креативен начин.
-Иако беше договорено да говориме на англиски за време на снимањето, во текот на работата сите почнаа да зборуваат на македонски и јас ништо не разбирав. Но, по некое време сфатив дека всушност имаме универзален визуелен јазик на кој се разбираме, јазикот на филмската уметност. Што се однесува пак до буџетот, предизвиците за кинематограферите да се работи со помал буџет се исти и во Франција и во Македонија. Од друга страна, поради работата со мал буџет, се добиваат идеи кои никогаш не би ги добиле доколку работиме во покомотни услови. Јас уживав во тоа да изнаоѓам нови начини да работам со дадените алатки – рече Годар.
Таа исто така објасни дека во снимањето одбрала понатуралистички пристап, што смета дека го доловил духот на филмот. Работата пак со помлади режисери е нешто што ја турка напред и ја мотивира постојано да истражува нови начини на работа.
Иако овој пат можеше да остане во Битола само на кратко, Ањес Годар беше пресреќна што доаѓа по повод македонската премиера на филмот.
Унгарскиот филм „За тело и душа“ од главната компетиција, синоќа ги воодушеви битолчани кои разговараа за филмот долго по проекцијата. Филмот е добитник на „Златна мечка“ во Берлин, а ќе учествува и во изборот за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје на доделувањето на Оскарите во 2018 година. Кинематограферот Мате Хербаи, на денешната прес конференција, говореше за креативниот процес.
-Илдико Ениеди е моја омилена унгарска режисерка и снимањето филм со неа за мене беше остварување на сон. Таа многу ми помогна за време на снимањето и ми даваше безрезервна поддршка. Работата со неа е едноставно совршена. Прв пат соработувавме на серијата „Терапија“ која се прикажуваше на HBО, па после таа серија ми понуди да работам со неа – вели Мате Хербаи.
Унгарската кинематографија со години наназад предизвикува внимание и позитивни критики, па Мате Хербаи само потврди дека да се биде кинематографер во Унгарија е привилегија.
-Состојбата за филмот во Унгарија е многу добра. Унгарскиот филмски фонд има одличен систем на работа и сметам дека кинематограферите во Унгарија имаат одлични можности за работа – вели Хербаи.
Денеска на фестиалот се одржа и промоција на Монографијата за браќата Јанаки и Милтон Манаки, на Роберт Јанкуловски. Синоќа беше прикажан и документарниот филм, исто така во режија на Роберт Јанкуловски, кој говори за фотографиите на браќата Манаки.
Филмологот Игор Старделов од Кинотеката на Македонија, кој ја промовираше книгата, рече дека бил пресреќен што конечно некој се нафатил да ги истражува фотографиите на браќата Манаки.
-Во Архивот на Македонија, подрачно одделение Битола, постојат илјадници негативи од фотографии кои никој до сега не ги погледнал. Роберт се нафати на макотрпната работа да ги дигитализира и зачува негативите од стаклените плочи. Тоа значи дека тие се сега дигитализирани и зачувани. Многу ме радува што процесот на дигитализација и на останатите материјали продолжи во архивот- рече Старделов.
Тој исто така истакна дека значајниот исчекор што го направил Јанкуловски во истражувањето на делата на браќата Манаки е тоа што ја анализирал и естетската вредност на фотографиите на браќата.
Ацо Кимовски, од битолското одделение на Државниот архив на Македонија, истакна дека работата на Јанкуловски ги мотивирала да продолжат со дигитализирање и на преостанатите материјали кои се наоѓаат во архивот.
Јанкуловски пак, вели дека Битола е пред се фотографски град, а потоа филмски град.
-Битола е повеќе фотографски отколку филмски град, се надевам дека во иднина ќе се направи по една монографија за сите значајни фотографи од овој град, како Папакоч, Пинза, и многу други. Некои од нив работеле и пред браќата Манаки- вели Јанкуловски.
На вчерашната Студентска програма пак, во Магазата во Битола, студентите по филм имаа можност да разговараат со Микеле Ди Ангелис, режисерот на „Студија на случај: Човекот зад камерата“. Микеле одржа доста интересно предавање за филмот сфатен повеќе од филозофски аспект и релациите помеѓу филмот и реалноста.
Синоќа на програмата на Манаки е филмот „Кога денот немаше име“ во режија на Теона Стругар Митевска, како дел од главната компетиција. По него ќе следува филмот „Забавата“ на режисерката Сали Потер.
Денеска со свечено доделување на Специјалната Златна Камера 300 на Милчо Манчевски за особено придонес во светската кинематографија и со прогласувањето на добитниците на Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300, како и проекцијата на филмот „Нека влезе сонцето“, завршува годинашниот Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Чествување на Милтон Манаки
Делегациите на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, Влашката заедница во Битола и градот Битола, денеска положија цвеќе на гробот на Милтон Манаки.
Претседателот на годинешното жири на фестивалот, кинематограферот од Норвешка Пол Рене Ростад, кој е и претседател на асоцијацијата на кинематографери ИМАГО, рече дека е почестен што е дел од делегацијата на „Браќа Манаки“. Делегацијата ја сочинуваа и Гена Теодосиевска, уметнички директор на „Браќа Манаки“, и членот на жирито, кинематограферот од Италија Лука Коасин. Теодосиевска истакна дека фестивалот „Браќа Манаки“, како и изминативе децении, ја негува традицијата на оддавање чест на Милтон Манаки.
Стефан Хаџи-Андоновски, претседател на аматерскиот кино-клуб „Студио Милтон Манаки“ и член на Влашката заедница во Битола, кусо ги потсети присутните за животот и делото на првиот балкански снимател. Тој истакна и дека битолскиот кино-клуб секоја година на 5 март (денот на смртта на Манаки) одржува комеморација со пригодна програма. Кино-клубот го организира и фестивалот насловен „Камера 300“.
Претставниците на фестивалот, Влашката заедница и градот ја негуваат оваа традиција на сеќавање на првиот филмски снимател на Балканот. За одржувањето на гробот на Милтон Манаки (1880-1964) на Влашките (или Арманските) гробишта во Битола се грижат членовите на Влашката заедница. Јанаки Манаки, пак, починал во Солун и таму е погребан.