Eсетската трансформација на главниот град на Македонија требаше да поттикне посилен национален идентитет. Но, наместо тоа, потикна национално движење на протест“, пишува авторката Валери Хопкинс (Valerie Hopkins) во текстот „Let Тhem Еat Alexander the Great Statues“, објавен на 19-ти јуни, во електронското издание на „Форин Полиси“ (Foreign Policy).

875474394343

СКОПЈЕ, Македонија — Влезницата од 300 денари ($5.50) за Музејот на македонската борба, не вклучува само влез, туку и услуги на задолжителниот водич. За време од 90 минути, посетителите немаат друг избор, освен да бидат придружувани низ големите диорами на странски војници кои ги напаѓаат македонските селани, како и покрај восочните фигури во природна големина на македонските бунтовници кои што се обидувале да ја ослободат земјата од Отоманците.

Мисијата на музејот не е толку педагошка колку што е патриотска, а водичите се присутни за да се осигура дека македонската историја што е прикажана таму е правилно интерпретирана. Млад човек кој неодамна водеше група јапонски туристи, ја запре групата пред диорама во која е претставено прогласувањето на Крушевската Република во 1903 година. Тој изјави дека републиката која што имала краток век, била всушност, претходник на денешна Македонија. “Тоа беше првата република на Балканот“, истакна горделиво, пред да продолжи кон собата која се однесува на Балканските војни од 1912-13.

Музејот претставува централен дел на проектот „Скопје 2014“, вреден 730 милиони долари, кој има за цел да изврши естетска трансформација на главиот град  – и конечно, на Македонија да и  обезбеди силен национален идентитет. Поранешниот премиер Никола Груевски, кој го иницираше проектот, имаше замисла да го трансформира Скопје од едноличен, во модерен пост-југословенски град, во град на кичести неокласични споменици на македонската слава.

„Скопје 2014“ успеа да ја обедини земјата, но не на начинот на кој Груески посакуваше. Наместо проектите да служат за инспирација, се поголем број Македонци ги третираат истите како израз на претенциозност.

Музејот на македонската борба за државност и самостојност и Музејот на жртвите на комунистичкиот режим – доколку се користи целосното име – не е единствениот проект од „Скопје 2014“ што остава мал дел на фантазијата на посетителите. Центарот на градот е преплавен со скапи уметнички дела кои ја бришат линијата меѓу кичот и пропагандата. Статуата којашто е официјално позната како “Воин на коњ“ – но која се претпоставува дека е Александар Велики – е висока 22 метри и е поставена врз статуа опкружена со лавови, а во близина се слуша „Валкира“ од Вагнер.  Целата структура чини повеќе од 8 милиони евра, или околу 9 милиони долари; а од другата страна на реката Вардар поставена е статуа висока 29 метри на неговиот татко Филип Македонски, античкиот воин, што чини приближно исто толку.

Исто така, се гради и споменик на Мајка Тереза, по потекло етничка Албанка родена во Скопје, како и реновиран Археолошки музеј кој има за цел да ги потврди македонските тврдења за уникатниот однос со западната антика. Дури и прозаичните згради во градот претрпеа трансформација: седиштето на македонскиот Водовод доби неокласичен објект, по цена од$22.6 million.

Проектот „Скопје 2014“ е критикуван од страна на многу Македонци од самиот негов почеток, како скап и тежок обид да се фабрикува национален идентитет. Но, проектот од неодамна се почесто се наоѓа во центарот на протестите, синхронизирани од страна на Шарената револуција, што го потресоа македонскиот главен град.

Во изминатите девет недели, неколку илјадни демонстранти секое попладне се собираат и протестираат низ улиците до зградата на парламентот, застанувајќи попатно да обојат клучни згради со светли бои, користејќи балони и пиштоли за распрскување на боја. Плоштадот каде што е поставен Александар стана популарна мета: демонстрантите ја претворија Порта на Македонија во шарен неред, структура во форма на Триумфална арка, која што е мошне исмејувана, изградена од бетон, но обоена во бело за да наликува на варовник. Некои од вандалските пораки се: “Не плаќам даноци за ова!“, “Ја сакам Македонија!“, “Бојам и барам правдина“.

Протестите во најголем дел се фокусирани на обвинувањата за корупција. За многумина, структурите на „Скопје 2014“ се симбол на 10-те години владеење на Груевски, што е обележано со расипничко трошење и недоволна транспарентност. Но, бесот што е насочен кон новите структури во градот, исто така, укажува зошто обидите драстично да се трансформира една млада држава најверојатно нема да успеат.

Денешна Македонија, земја која што Обединетите нации ја признаа во 1993, се бори со својот идентитет од нејзиното создавање, делумно поради испреплетеното минато. Подрачјето кое што сега е Македонија беше дел од Отоманската империја скоро 500 години пред Првата Балканска војна во 1912 година; а дотогаш, повеќето етнографи ги класифицираа нејзините жители како етнички Бугари. (Јазиците се слични, а прашањето за тоа дали македонскиот јазик претставува посебен јазик или е бугарски дијалект, останува политички наелектризирано). Во следните децении, подрачјето беше под различна окупација од Србија, потоа Бугарија, пред да се приклучи кон Кралството Југославија, во кое беше подложено на “србизација“. Дури кога Македонија стана дел од Социјалистичката федерација на Југославија, во екот на Втората Светска војна, југословенските власти започнаа да промовираат посебен македонски идентитет и посебен јазик.

Во 1991, по распадот на Југославија, Македонија се формира како самостојна држава и почна да се етаблира на светската сцена – но со мала поддршка од своите соседи. Денешна Бугарија го негира постоењето на посебен македонски јазик; Србија не го признава постоењето на посебна Македонска православна црква. А тука е присутен и горчливиот спор со Грција, што и понатаму го блокира пристапот на земјата во меѓународните организации како што се НАТО и Европската унија, поради нејзиното име. (Грција, која има свој “Музеј на македонската борба“ во Солун, тврди дека името „Македонија“ и припаѓа на северната грчка провнција, како и дека името е сигнал за амбициите на земјата да бараат територија надвор од нејзините граници). Македонија беше примена само времено во ОН под името “Поранешна Југословенска Република Македонија“, а изврши промена на знамето и Уставот како одговор на грчкиот притисок.

Според Тамара Чаусидис, уредник во македонската Балканска истражувачка репортерска мрежа, која го следи растечкиот трошок за „Скопје 2014“, земјата моментално е заглавена во криза на идентитетот. Властите повеќе би сакале да ја нагласат улогата на Македонија во западната антика, што тие ја гледаат како клучна компонента во ривалството што го имаат со Грција, додека многу Македонци велат дека своето наследство го гледаат во словенската, Византиска историја на деветтиот век, од која произлегле многу светци какоКирил и Методиј, а не лица кои го освојуваат светот на коњи.

Следствено на тоа се и обидите од проектот „Скопје 2014“ за создавање на горда античка историја, поврзана со темелите на западната цивилизација. Изградбата на нација му стана приоритет на Груевски, кога тој дојде на власт во 2006 година. Покрај лажната-класична трансформација на главниот град на државата, тој се обиде да ги исколчи барањата на земјата во однос на наследството на Александар Велики, кого македонските националисти го гледаат како свој, на големо чудење на соседна Грција, која, исто така, тврди дека е нивни. По стапувањето на функција, Груевски веднаш го преименува главниот аеродром во земјата во “Меѓународен аеродром Александар Велики“, покани потомци на Александар Велики да го посетат Скопје во 2008 година, а во 2009 година го именува главниот стадион во земјата по Филип Македонски.

Односот на државата со Александар Велики е комплициран. Пред Груевски да дојде на власт, античкиот крал никогаш не претставувал личност која била поврзана со историјата на Македонија, истакнува поранешниот новинар Борјан Јовановски. А напорите на Груевски, се чини, дека малку сториле за да се промени начинот на кој се чувствуваат Македонците во однос на човекот кој што би требало да биде нивен национален херој. Една студија спроведена во 2013 година, од Институтот за општествени и хуманистички наука во Скопје, за тоа како проектот „Скопје 2014“ го формира националниот идентитет, покажува дека помалку од 10 проценти од луѓето го гледаат Александар како најважна личност на Македонија, ниту пак чувствуваат некаква приврзаност кон античкиот период што тој го претставува. Студијата, исто така, заклучува дека дури и по неколку години од реализацијата на проектите „Скопје 2014“, 32 проценти од испитаниците се уште чувствуваат чувство на културна инфериорност и се збунети во однос на нивниот идентитет. Обидот на Груевски за создавање на чувство на македонска припадност, јасно има пренебрегнато голем дел од населението. Музејот на македонската борба, на пример, не ги споменува етничките Албанци, за кои се проценува дека сочинуваат помеѓу 25 и 30 проценти од населението. (Последниот попис беше во 2002 година, а властите се колебаат околу организирањето на нов попис поради политичка контроверзност во врска со миграцијата и демографијата). Во однос на останатиот дел од „Скопје 2014“, со исклучок на Мајка Тереза, постојат многу малку структури што го признаваат албанското наследство на земјата. Прашањето во однос на тоа како Албанците се вклопуваат во Македонија е проблематично: Земјата за многу малку избегна граѓанска војна во 2001 година, кога етничките Албанци со оружје побараа дополнитени права, вклучувајќи ја употребата на албанскиот јазик како национален јазик.

Но демонстрантите од Шарената револуција не се бесни само поради несмасните напори за изградба на нациоанлен идентитет. Груевски е на власт од 2006 година па се до јануари, кога се повлече од функцијата, како дел од договорот што се постигна со помош на посредството на ЕУ, откако беше обвинет наводно дека тој лично го наредил прислушкувањето на 20,000 телефонски броеви, вклучувајќи ги оние на неговите најблиски соработници. Содржината од телефонските разговори протекоа од страна на главната опозициска партија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, која, исто така, покрена обвинувања дека Груевски и клучни сојузници организирале измама, се обиделе да покријат убиство на полицијата и дека се обидуваат да го контролира судството. Истрагата што беше спроведена минатата година од страна на Европската комисија покажа дека Груевски вршел злоупотреба на национални безбедносни служби –  кои биле предводени од страна на неговиот братучед Сашо Мијалковдодека тој бил премиер – со цел да “врши контрола на врвот во јавната администрација, на обвинители, судии и политички противници“.

Откако 40.000 луѓе протестираа во мај 2015 година, со поставување на камп пред зградата на Владата на Република Македонија, Груевски се повлече и беше назначен Специјален обвинител за истражување на обвинувањата во врска со содржината од прислушкуваниот материјал. Но, кога македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во април објави дека ќе ги помилува сите оние кои се под истрага – 56 лица, вклучувајќи го Груевски и опозицискиот лидер Зоран Заев, кој ги откри прислушкувањата – протестите продолжија. И омилениот проект на Груевски стана мета.

Тоа што можеше да биде – навистина грандиозен – симбол на аспирациите на земјата за приклучување на Западот, се претвори во непотребно трошење. Кога „Скопје 2014“ првично беше објавен во 2010 година, Владата тврдеше дека тој ќе чини 80 милиони евра. До денес тој чини 640 милиони евра (730 милиони долари) а цената постојано се качува како што продолжува изградбата, според пресметките на Балканска истражувачка репортерска мрежа на Македонија. „Вкупниот износ може да надмине и милијарда евра пред истиот да заврши“, вели Чаусидис. Тоа изнесува приближно 96 милиони евра годишно до денес, или 3 проценти од годишниот буџет на земјата – колку што приближно добива Министерството за здравство.

“Целиот процес е симбол на владеењто на Груевски“, вели Чаусидис. Тендерските постапки немаат транспарентност, вели таа, а изградбата често се случува преку ноќ, без никаква најава.

Гласот на поранешниот  премиер може да се чуе во многу од прислушкуваните разговори во кои се зборува за „Скопје 2014“, во кои се сугерираат идеи за скулптури, се препорачуваат фонтани кои ќе наликуваат на оние од Рим и се дискутира како точно да се тапацираат новите двокатни автобуси на градот кои се во стилот на оние во Лондон.

Груевски ги брани своите креации. Во една книга издадена по повод отворањето на Музејот на македонската борба во октомври 2012 година, тој напиша: „Опозицијата, дел од медиумите и некои од експертите покажаа голем отпор кон целиот проект ‘Скопје 2014’, дури и кога проектот беше во процесот на подготовка…, се создадоа многу шпекулации и многу невистинити информации, потсмев, манипулации како и многу лаги“.

Меѓутоа, демонстрантите на Шарената револуција и понатаму не се убедени. Протестите продолжуват – и, се чини, дека конечно си најдоа и влеча. Под силен меѓународен притисок, македонскиот претседател Иванов прво делумно ја повлече својата одлука за помилувања, повлекувајќи 22 од 56 лица под истрага. Потоа, тој целосно ги повлече сите 56помилувања, иако продолжи да инсистира дека тие би придонеле кон помирување. Демонстрантите ветија дека ќе продолжат се додека не бидат исполнети нивните барања, вклучувајќи го и формирањето на привремена влада, која би ја поставила земјата на пат кон кредибилни избори, како и повлекување на обвиненијата против десетици демонстранти кои беа уапсени за вандализам.

Но, доколку протестите продолжат, продолжува и изградбата – и контроверзноста. Само минатиот месец, жителите на Општина Центар се разбудија со два нови споменика на албански херои, долго ветувани како дел од напорите на „Скопје 2014“, мистериозно подигнати во текот на ноќта. Локалната власт негира било каква инволвираност.

Превод: ЦИВИЛ Медиа

Слични содржини