Откако ВМРО-ДПМНЕ вчера ги напушти преговорите на политичките партии за медиумите, непознато е дали и кога ќе продолжат разговорите. Сите партии потписнички на Договорот од Пржино чекаат повик од белгискиот олеснувач Питер Ванхауте, за повторно да се соберат во Клубот на пратениците. Добра волја се очекува и од преговарачите, а во спротивно се заканува колапс на Договорот од Пржино, кој и онака едвај се турка неколку месеци.
26 ноември
Проблемите со преговорите се интензивираа откако Здружението на новинари (ЗНМ), Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) на 26 ноември протестираа пред Клубот на пратеници со барање да бидат вклучени во преговорите на работните групи на партиите потписнички на Договорот од Пржино
Според Насер Селмани, претседател на ЗНМ, недозволиво е во едно демократско општество новинарите да бидат исклучени од преговори кои се водат за нив.
– Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, како и белгискиот олеснувач Питер Ванхауте, итно да нè вклучат во преговорите што се водат за регулирање на медиумите. Ако ЕУ сака демократски закони, треба да нè вклучи во преговорите, а не зад затворени врати да се нудат решенија – изјави Селмани.
На овој повик реагираше Роберт Поповски, преговарач на СДСМ, кој рече дека новинарските здруженија треба да лобираат кај политичките партии за да ги застапуваат нивните интереси, но, сепак, политичките партии треба да го завршат процесот на преговарање.
Селмани: СДСМ предлага решенија што водат кон поголема партизација и политизација
– ЗНМ беше во преговори со Владата, па сега ние ги исправаме тие закони што ги договориле или кои сакале да ги договараат – рече Поповски.
Тоа отвори вербална војна помеѓу СДСМ и ЗНМ, а на изјавата на Поповски експресно одговори претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој на својот фејсбук-профил напиша:
„Не можат да разберат дека заврши времето кога ставовите на ЗНМ се градеа на Бихаќка. Издржавме притисок од ВМРО пет години, можеме да се справиме и со притисокот од СДСМ. По ниедна цена нема да поддржиме политички договори на штета на новинарите и на медиумите. Тоа е новото ЗНМ!“, напиша Селмани.
29 ноември
По протестите, СДСМ стана мета на напади за предложениот закон за медиуми, кој наиде на остри рекации од Македонската асоцијација на новинари и од електронските медиуми.
МАН апелираше до медиумите да ги објавуваат изданијата со црна насловна страница, како протест против законот предложен од СДСМ за медиумската област.
30 ноември
По молк цел викенд, со реакција за „Мета“ се јави преговарачот од СДСМ, Роберт Поповски, кој рече дека резултатот ќе покаже кој бил во право и кој е за демократија, а кој не.
По овие турбуленти денови, СДСМ предложи, а ВМРО-ДПМНЕ се согласи новинарските здруженија да учествуваат во преговорите на работните групи, кои разговараат за проблемите во медиумите.
Роберт Поповски, на прес-конференција пред Клубот на пратеници, рече дека предлогот медиумите и невладините организации да учествуваат во преговарачкиот процес ќе го стави на изјаснување пред претставниците на политичките партии.
Илија Димовски, преговарач од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека ќе постапат така како што ќе се договорат политичките партии во Клубот на пратеници, но се сомнева во искреноста на намерите на СДСМ.
1 декември
Продолжувањето на преговорите за медиумите повторно остана да виси, откако ВМРО-ДПМНЕ го напушти Клубот на пратеници по изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој рече:
„Во моментот став на СДСМ и мој личен став е дека најголем политички непријател за нас, како опозиција, се медиумите како што се „Сител“, „Канал 5“, „Алфа ТВ“, „Дневник“ и МРТ. Вие сте медиуми коишто, меѓу другото, се финансирате и од пари на граѓаните, тоа се мои пари и ваши пари и на опозиционери и на поддржувачи на власта“.
По оваа изјава ВМРО-ДПМНЕ ги напушти преговорите за медиумите со образложение дека „нема да дозволи СДСМ да ја узурпира и да ја укинува слободата на медиумите и да дејствува спротивно на сите европски стандарди и конвенции за слобода на изразување и за слобода на информирање“.
Од СДСМ излегоа со соопштение дека со оваа постапка ВМРО-ДПМНЕ продолжува со стратегијата на одолговлекување и на непочитување на обврските преземени со Договорот од Пржино.
„Регулирањето на медиумите е еден од клучните критериуми без кои се невозможни фер, демократски и регуларни избори. Со ваквото однесување, ВМРО-ДПМНЕ го доведува во прашање Договорот од Пржино“, реагираат од СДСМ.
Преговорите на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино за проблемите во медиумите денеска, повторно, нема да продолжат.
Според нашите информации, од канцеларијата на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте до партиите било доставено соопштение дека преговори денеска ќе нема. Засега нема ниту информации кога тие би продолжиле. Од двете македонски партии што учествуваат во преговорите, велат дека тие се подготвени да ги продолжат преговорите, но си ја префрлаат топката за тоа кој прв треба да попушти.