Тони Науновски, Александар Даштевски, Александар Спасеновски, Нена Неновска-Георгиевска, Јован Ананаиев, Ирфан Дехари и Беким Кадриу се имињата за кои владејачкото мнозинство даде поддршк да членуваат во Комисијата за заштита од дискриминација, а за кои опозицијата обвини дека се приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ за кои се барало место каде да се вдомат.
Членовите на Комисијата од СДСМ прашаа зошто до нив во последен момент се доставени биографиите на само седум кандидати, а не и на преостанатите четириесетина, за да можат да споредат и да ги изберат најдобрите.
– Сé што е под капата на ВМРО-ДПМНЕ сакате да го вдомите. Зошто не ни ги дадете сите пријави, па како комисија да ги избереме најдобрите. Да не зборувам што во самата Комисија за заштита од дискриминација ги дискриминирате жените и од седум места избирате само една жена – забележа Благоја Стојановски од СДСМ.
Науновски и Даштевски се аналитичари кои во последниве години се често присутни во јавноста, а нивните ставови за политичките и општествени состојби во земјава кореспондираат со оние на владејачката партија. Спасеновски е член на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен пратеник.
„Тони Науновски, Александар Даштевски, Александар Спасеновски??? Дека се познати за својот сенс за човекови права и особено за дискриминација?? И само една жена? Браво, браво! Не ни требаат на нас нови институции затоа што се формираат само заради вработување на партиски кадри, а не за да им служат на граѓаните“, напиша на Фејсбук Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.
„Тони Науновски, член на Комисија за заштита од дискриминација, ало, па дали сте вие нормални, Тони Науновски“, пишува на својот профил на Фејбук граѓанскиот активист Џељо Хоџиќ.