Прислушуваните материјали се чуваат во два сефа кои можат да издржат цел час вриење во лава, рече специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во Советот на јавни обвинители.
Јавниот обвинител Сашо Василевски ја праша Јанева за техничкиот дел од постапката на преслушување на прислушуваните материјали, за тоа како се чуваат и како јавните обвинители ги преслушуваат.
– Разговорите се сместени во два сефа кои можат да издржат цел час вриење во лава. Од сефовите клуч имам само јас и еден мој вработен. Сефовите се отвараат само со двата клуча, не може со еден. Материјалите не можат цел ден да се преслушуваат, може само три часа. Има и многу СМС-пораки во кои пишува само име или некоја друга информација, која мора да се поврзе и да се истражи – рече Јанева.
За аудиоматеријалите што деновиве протекоа во јавноста, Јанева рече дека не знае дали тие се дел од прислушуваните разговори и дека има строги процедури и евиденции за преслушување на материјалите.
Јанева денеска пред Советот на јавни обвинители го презентира вториот шестмесечен извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство. На седницата не е присутен републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски./Мета