Италијанскиот амбасадор во Македонија Ернесто Масимино Белели денеска на скопскиот градоначалник Коце Трајановски му го врачи одликувањето „Командант од редот Ѕвезда на Италија“.
Одликувањето се доделува по предлог на италијанскиот амбасадор и министерот за надворешни работи, врз основа на одлука, донесена од претседателот на Италија за придонесот на градоначалникот Трајановски во унапредување на пријателските односи и соработката меѓу Македонија и Италија.
– Јас на претседателот му ја посочив блиската соработка која постои меѓу двете држави, Италија и Македонија. Посочив дека сакаме да ја продолжиме оваа соработка и да ја зголемиме. Среќен сум што во Скопје има многу италијански инвеститори. Не сакаме тука да застанеме, сакаме се уште да расте соработката, рече Белели.
Градоначалникот Трајановски изрази благодарност што го добива ова високо одликување.
– Ова е потврда за добрата соработка што ја имаме со амбасадорот и со Амбасадата на Италија во Македонија и поттик за да продолжиме понатаму, рече Трајановски
Тој упати благодарност до амбасадорот Белели за италијанските инвестиции во Македонија и во Скопје и на помошта која, како што рече, Италија ни ја дава на меѓународен план.
Трајановски ја нагласи добрата соработка со Белели за време на неговиот мандат во Македонија.
– Скопје секогаш останува отворено за вас. Кога и да дојдете во Скопје, секогаш ќе бидете наш гостин бидејќи имавме добра соработка и резултати, рече Трајановски./MИА