На интернет страницата на Собранието е објавен предлог на законот за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите, по скратена постапка, а кој претходно го најави Талат Џафери од ДУИ, како заедничка иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

sobranie1-golema[1]

„Медиумите да ги тргнат од своите веб страни сите текстови поврзани со материјалите од прислушуваните разговори што ги објави лидерот на СДСМ Зоран Заев. И повторно никогаш не смеат да ги реобјават и користат, во спротивно кривично ќе одговараат, со казни затвор од најмалку 4 години! Медиумите во иднина не смеат да објават ни збор од новите досега необјавени прислушувани материјали. Секој што располага со какви било материјали од прислушуваните разговори да ги предаде на специјалниот обвинител, бараат ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.

Талат Џафери од ДУИ денеска изјави дека меѓу партиите има консензус за овој предлог закон и дека истиот е дел од договорот во Прижино. СДСМ го негираат тоа.

За законот треба да се гласа по итна постапка и би стапил на сила следниот ден откако ќе биде изгласан. Текстот предвидува кривична одговорност за оние што ќе продолжат да ги објавуваат бомбите.

Џафери порача дека доколку се усвои законот, медиумите ќе мора да ги симнат од своите веб сајтови веќе објавените материјали.

Еве што предвидува предложениот закон:

(1) Со овој закон се утврдува забраната за поседување, обработка, јавно објавување преку медиуми, социјални мрежи, веб портали и било која друга форма на јавно објавување и располагање на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес.

(2) Со овој закон покрај забраната од ставот 1 на овој член се утврдува и обврска за предавање на материјалите од незаконско следење на комуникации на надлежен јавен обвинител, како и кривичната одговорност за непредавањето на материјалите и за нивно неовластено објавување и пренесување.

Член 2

Се забранува поседување, обработка, објавување и располагање на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации.

Член 3

Тој што неовластено поседува, обработува и располага на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации, ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години.

Член 4

(1) Тој што неовластено на било кој начин ќе објави или пренесе прислушкувани или тонски снимени разговори или делови од нив или нивни транскрипти на територијата на Република Македонија или во странство, ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години.

(2) Доколку делото од ставот 1 на овој член доведе до настанување на правни, материјални или други штетни последици на лице кое е инволвирано во објавените или пренесените аудио снимки или транскрипти од аудио снимки или нивни делови од незаконското следење на комуникациите, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку пет години.

(3) Доколку делото од ставот 1 на овој член доведе до нанесување на тешки телесни повреди на лице кое е инволвирано во објавените или пренесените аудио снимки или транскрипти од аудио снимки или нивни делови од незаконското следење на комуникациите, или на нему блиско лице, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку осум години.

(4) Доколку делото од ставот 1 на овој член доведе до смрт на лице кое е инволвирано во објавените или пренесените аудио снимки или транскрипти од аудио снимки или нивни делови од незаконското следење на комуникациите, или на нему блиско лице, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години.

(5) Ако делото од овој член го стори правно лице ќе се казни со парична казна, а одговорното лице во правното лице ќе се казни согласно ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член.

Член 5

Секој кој поседува или има пристап до материјали од незаконско следење на комуникации е должен во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги предаде материјалите на надлежниот јавен обвинител.

Член 6

Овој закон влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

Предлог законот во целост можете да го прочитате на следниот линк.

Инаку, власта се повикува на договорот од Пржино од 2 јуни, но тој договор единствено ја обврзува СДСМ да не објавува НОВИ снимки, а не се однесува на веќе објавените снимки, а ни најмалку нивно бришење од медиумите! Тоа е директна цензура на медиумите односно кршење на Уставот кој ја забранува цензурата!

Еве го член 16 од Уставот:

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.

Еве што стои во договорот:

СДСМ ќе се врати во Собранието и ќе раководи со анкетната парламентарна комисија основана со скандалот со прислушувањето. Комисиите за откривање и интервенција во комуникациите исто така ќе се раководат од страна на СДСМ и ќе почнат со работа испитувајќи неуспесите во надзор и функционирање на државната разузнавачка служба.

Првиот извештај на овие комисии ќе биде изготвен во ноември 2015 година.

Со непосреден ефект, нема да има понатамошно објавување на било каков прислушкуван материјал. По враќањето на СДСМ во Собранието, сите материали кој ги поседува СДСМ или било кој друг, ќе бидат поднесени до Јавното Обвинителство за итна постапка.

До 15 септември 2015 година, ќе има нов, специјален обвинител со целосна автономија да ја води истрагата околу разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите. Специјалниот обвинител го именуваат долупотпишаните страни.

 

Слични содржини