Денеска низ Македонија се очекува да транзитираат околу 6,000 бегалци и емигранти, проценуваат надлежните кои го огранизираат и извршуваат нивното прифаќање и згрижување, пренесува порталот „А1 Он“.
Проценките се дека во текот на вчерашниот ден низ Македонија транзитирале околу 6,000 бегалци од прифатниот камп во Гевгелија до Табановце.
Од железничка станица информираа дека од платформата кај кампот вчера кон Табановце заминале пет специјални воза со околу 3,300 мигранти, а утрово пред околу половина час замина и првиот денешен воз кон Табановце со околу 600 мигранти.
Од Железничка потврдија дека и денеска се подготвени да одговорат на барањата од кампот со уште специјални возови кои се подготвени и чекаат на повик.
Вчера голем дел од мигрантите се превезуваа со автобуси и такси возила кон Табановце, а тоа е случај и утрово. Околу 30-ина автобуси и такси возила ги чекаат мигрантите на мостот кај Сува Река и оттаму ги превезуваат кон северната граница. Голем дел од нив веќе заминаа на пат да превезуваат мигранти, а останатите овие моменти ги чекаат групите што пристигнуваат од кампот и тие во секој момент ќе се упатат кон Табановце, пишува „А1 Он“..