Битиќи поднесе оставка од потпретседателската функција во СДСМ

од Nikola Popovski

Вицепремиерот за економски прашања и еден од потпретседателите на СДСМ, Фатмир Битиќи поднесе оставка од партиската функција.

-Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот.

Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех, изјави Битиќи во видео-порака.

Упати апел дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ.

-Прифаќањето на политичка одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност да се промениме и да растеме – и ставаме приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции. Да се вратиме повторно меѓу граѓаните, да го слушнеме нивниот пулс и да ги разбереме нивните потреби и да се вратиме на нашите социјалдемократски вредности. Само на овој начин може да дојдеме до нови идеи, пристапи и енергија кои може да ја зајакнат визијата и стратегијата на СДСМ па да се вратиме со крената глава во политичката арена за да ја добиеме битката за европска Македонија – ветување кое го дадовме на граѓаните и кое им должиме да го исполниме. И за крај: нека е ова новиот почеток кој ќе ги обедини сите искрени другари и другарки во идејата за социјалдемократија, во идејата за соживот, во идејата за Едно општество за сите каде владее правичноста, солидарноста и еднаквоста, кажа Битиќи во видеото објавено на социјалните мрежи.

Слични содржини