Ветувачки старт на претстојната летна туристичка  сезона: На охридско – струшката ривиера веќе резервирани хотелите во периодот околу 2 Август

од Vladimir Zorba

Пристигнаа првите чартери од Полска, Србија и Холандија , а почнаа да доаѓаат и гостите од Турција.

Почетокот на сезоната е ветувачки и се совпаѓа со очекувањата на туристичките работници за надминување и на минатогодишните резултати кои беа исклучително позитивни.

Предвидувањата и целите за 2024 година се надминување на 3,5 милиони ноќевања и повеќе од 600 милиони долари од туристичката индустрија во БДП-то. Туристичките работници очекуваат главните гости за претстојнава  сезона да бидат туристи од Германија, Полска, Турција, Србија и Грција’’, изјави за Локално, директорот на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот – Јасмина Лескаровска.

Подеднакво оптимистички се и очекувањата на претседателот на ХОТАМ- Крсте Блажески. Како аргумент го посочува фактот дека веќе сега целосно се резервирани сместувачките  капацитети на хотелите на охридско струшката ривиера.

Крсте Блажески

Крсте Блажески

Речиси и нема слободен кревет во хотелското сместување во периодот пред и по 2 Август. Тоа е инаку и традиционалниот туристички шпиц во летната сезона. Веруваме дека оваа година ќе биде поуспешна и од претходната, односно ќе ја надмине за 10-15% “, вели Блажески  за „Локално“.

Како дополнителна среќна околност го посочува доброто време  кое е предуслов за брзо започнување на летната сезона која според него ќе стартува околку 20 јуни, односно  порано од претходната година кога овој месец беше врнежлив. Ваквите позитивни вести, како што вели треба да претставуваат поттик за помрднување на работите во туризмот, воведување новини и крупни проекти.

Во оваа насока Блажески го споменува пуштањето во употреба на новиот брод кон Свети Наум, што е добро но според него недоволно, бидејќи се потребни барем уште пет. Како проблем  се уште останува и  недостигот на странски работници кои како што вели  Блажески , во хотелите на охридско струшката ривиера се повеќе се надминува со вработување на  пензионери .

Дел од потребните работници се од Непал и од Индија за кои од ХОТАМ велат дека се продуктивни, но имаат проблем со комуникацијата поради непознавањето на јазикот, а целата ситуација дополнително ја усложнува и премногу долгиот период за комплетирање на документацијата која што е потребна за нивно ангажирање

Дел од нашите млади луѓе повторно ќе заминат за Хрватска каде работат за повисоки плати од оние коишто ние можеме тука да ги исплатиме. Од друга страна, не треба да заборавиме дека на пример , доколку  нето износот е тука 40.000 денари, по исплатата на сите давачки кон државата, вкупната, бруто сума е речиси 60.000. Затоа е потребна стратегија од државата која меѓу другото ќе овозможи намалување на давачките“, вели Блажески.

Во меѓувреме, се работи и на изнаоѓање начини за задржување на туристите ден повеќе. Според директорот на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот- Јасмина Лескаровска, фокусот треба да биде во насока на градење на капацитите и зголемување на свеста за одржлив туризам.

Јасмина Лескаровска

Јасмина Лескаровска

„За следната година се разгледуваат можностите за соработка со странските партнери за имплементација на ЕСГ стандардите која ќе овозмозможи поголема конкурентност, препознатливост, транспарентност, економски развој, но и привлекување на одржливо финансирање и инвестиции. Преку заеднички напори, бизнис организациите, приватниот сектор и државните институции е потребно да работат заеднички за промовирање на одржливиот туризам како двигател на економскиот раст, општествениот развој и зачувувањето на животната средина во земјата“, вели Лескаровска.

Анализите покажуваат дека Македонија може да биде  извонредна дестинација за екотуризам, рурален туризам и агротуризам. Иако обидите на ова поле се сеуште исклучително скромни и се сведуваат на индивидуален ентузијазам тие стануваат се погласни, и тоа најмногу како последица на се послабите скијачки сезони кои ја наметнуваат потребата од поинаков вид туризам во текот на зимските месеци.

К.В.С.

Слични содржини