Нов земјотрес со интензитет од 6,7 степени го погоди Непал, информира на нивниот сајт геолошка служба на САД. Според податоците на службата, потресот бил на длабочина 17,3 километри. Земјотресот бил на 67 километри источно од главниот град Катманду и на 19 километри југоисточно од градот Кодари.

430x330

Информации за настрадани и загинати нема.

Над 4100 достигна бројот на загинатите во земјотресот во саботата, вклучувајќи 3862 во Непал. Повредените се над 6500. Над 60 лица загинаа во Индија, смртни случаи има во Тибет и Бангладеш. 18 лица загинаа од лавина во Еверест.

Црвениот крст на Република Македонија соопшти дека се приклучува кон прелиминарниот Апел објавен од Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина за помош на настраданото население од катастрофалниот земјотрес во Непал во висина од 33.480.000 ЦХФ. Заинтересираните правни субјекти и граѓани можат да се вклучат со обезбедување парична помош на сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданото население во Непал, како и да се донираат 100 денари со повик на телефонските броеви 070 / 075 / 077 143 400.

Средствата можат да се донираат до 15 мај 2015 година и ќе бидат префрлени на Меѓународната федерација за настраданото население во Непал.

Со оваа помош Националното друштво на Непал ќе биде помогнато да обезбеди помош и поддршка на 75.000 лица (15.000 семејства). Помошта е насочена кон интервентна потреба од здравствена и социјална грижа, интервентна потреба за сместување, поврзување на раздвоени семејства, институционална подготвеност на националното друштво и заедниците и намалување на ризиците. Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина првично интервенираше со помош во висина од 500.000 ЦХФ.

Слични содржини