Дали политичките искричења околу Преспанскиот договор и името на државата ќе ги загрозат македонско-грчките економски релации?

од Vladimir Zorba
1,4K прегледи

Иако најавен и претходно испланиран на 20 мај во Гевгелија , Бизнис форумот на кој требаше да присуствуваат македонски и грчки стопанственици, нема се одржи или барем не засега . Грчката страна го откажала доаѓањето на нејзините претставници како реакција на последните политички превирања во кои уставното име на Северна Македонија се врати во фокусот.

Жалам што пропуштаме шанса за уште едно зближување на бизнисите“, изјави за „Локално“, претседателот на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков.

Се надева дека ваквата ситуација е моментална и дека сепак ќе „преовлада“ бизнис логиката која единствено се темели на економски параметри.

Оттука и неговото толкување на состојбите дека станува збор за чувства засновани на загарантирани човекови права од страна на претставници на се поизвесната нова влада кои многу брзо ќе бидат соодветно артикулирани  бидејќи зад изјавите стојат како што вели, легалисти кои одлично ги познаваат водечките принципи на Обединетите Нации.

Бошков го посочува како позитивен пример периодот по потпишувањето на Преспанскиот договор во кој грчките и македонските стопанственици ја карактеризираа  бизнис атмосферата како исклучително контструктивна , со многу можности за инвестиции и соработка, пред се поради чувството на сигурност.

Јавна тајна е дека по потпишувањето на Преспанскиот договор многу наши граѓани инвестираа во разни бизниси во Грција, пред се во туризмот, угостителството и недвижностите каде што вложија сериозен капитал. Исто така беше зголемена и трговската и услужната размена во пограничната зона. Дополнително, во пограничните градови има значителен развој на медицинскиот туризам“, вели Бошков.

Сето ова според него било само позитивно и логично продолжување на претходното бизнис искуство во кое грчката страна инвестираше во разни дејности во Македонија континуирано вршејќи окрупнување на капиталот.

Карактеристичен пример е една од поголемите македонско-грчки  компании за продажба на медицинска опрема во нашата држава. Нејзиниот сопственик, инаку грчки државјанин кој инсистира на анонимност, во изјава за „Локално“посочи дека моменталата ситуација не е розова, но се надева дека сепак ќе биде брзо надмината.

Потпишувањето на Преспанскиот договор го почувствуваа како ветер во грб голем број бизнисмени од Грција. За голем дел од нив, меѓу кои и јас особено интересен беа пограничните зони, но секако дека наши вложувања има секаде низ вашата држава. Последните неколку дена ги доживеавме како непријатна пресвртница и во овој период секој нов инвеститор два пати ќе размисли пред да започне некој нов бизнис проект“,изјави сопственикот на грчката компанија.

Засега не се размислува за селење на компаниите, но како што вели, ваквата опција не се исклучува доколку продолжат политичките искричења.  

Грција е еден од најголемите трговски партнери на Македонија и трет најголем странски директен инвеститор. Грчкиот капитал во изминатите децении беше инвестиран  во разни сектори  како што се енергетскиот, банкарскиот, телекомуникациите, градежништвото, прехрамбените производи, текстилот…Една од придобивките кои од наша страна беше неколкупати посочувана е дека нашата држава е упатена да соработува со Грција пред се поради пристапот на море и тоа преку солунското пристаниште.

К.В.С.

Слични содржини