Европската комисија е во процес на затворање на извештаите за прогресот на земјите-кандидатки за членство во ЕУ, соопшти денеска портпаролот на комисијата, Маргаритис Схинас.
Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент утре ќе има средба со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, посветена на прогрес-извештајот за проширувањето, но засега сè уште не се знае кога Европската комисија ќе ги објави извештаите.
– Сега сме во процес на носење одлуки во врска со извештаите. Бидејќи во тек е процедурата, би можел да ви дадам повеќе информации по неделниот состанок на шефовите на кабинетот, кој ќе се одржи денеска попладне. Затоа не би сакал да шпекулирам за што ќе разговараат. Кога ќе имам детали, вие први ќе бидете информирани – рече Схинас.