Одбиено барањето на СЈО за изземање на Вангеловски

од Vladimir Zorba
Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски ќе одлучува дали одредувањето притвор на Сеад Кочан било законско, по барање на Јавното обвинителство на Марко Зврлевски.
Ова е одлуката на општата седница на Врховниот суд на која не беше прифатено барањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за изземање на Вангеловски поради опасност од негова пристрасност во одлучувањето, бидејќи и тој е дел од прислушуваните разговори. Вангеловски го потврди разговорот на кој СЈО се повикува во интервју за Телевизија 24.
Вангеловски останува во кривичниот совет кој ќе одлучува за притворот на Кочан, но не и екс претседателката Лидија Неделкова. Врховниот суд не го прифати нејзиниот приговор. Неделкова се жалеше на одлуката на Вангеловски да биде распоредена во друго одделение поради изразено мислење дека обвинителство раководено од Зврлевски не е надлежно да поднесува барања за предметите на СЈО.
Сега веќе не постојат пречки Врховниот суд да закаже јавна седница на која ќе одлучи дали решенијата за притвор донесени од пониските судови се законски и дали предметот за притворот на Кочан ќе биде вратен на повторно одлучување.
Одбивањето на приговори на општата седница на Врховен не заврши тука. Како што информираат од највисокиот суд, одбиени се сите 17 приговори на судиите од Кривичниот суд кои не беа задоволни од распоредот на в.д. Претседателот Стојанче Рибарев.
Распоредот на Рибарев беше спорен поради деградирање на судии со децениско искуство во кривичната материја, како и на судии кои давале зелено светло за претреси и пригвори кои ги бараше СЈО на сметка на унапредување на судии кои беа споменати во прислушуваните разговори, но и посочени како кочничари на работата на СЈО. /24вести

Слични содржини