И во расправата по Предлог-законот за употреба на јазиците што вечерва се одвива во Собранието на Република Македонија поделени беа мислењата на дискутантите за ова законско решение.
За пратениците од опозицијата решението е неуставно, со него се кршат процедурите и се злоупотребува европското знаменце за кратење на дебатата. Тоа, рекоа, нема да ги реши проблемите, ќе го зголеми јазот, и ќе ги дискриминира помалите етнички заедници.
Ставот на пратениците од партиите од власта е дека законот ќе го зголеми соживотот, дека тој е за унапредување на правата, оти не е противуставен и не го нарушува унитарниот карактер на државата.
Зоран Илиоски ВМРО-ДПМНЕ го дели ставот на своите партиски колеги дека е прекршен Деловникот бидејќи за матична е наведена Комисијата за европски прашања, а ставањето на европското знаменце е злоупотребено, бидејќи не е наведено со која регулатувата на ЕУ се усогласува.
Побара законот да се повлече, да се отвори дебата. Ова, рече, е суштински закон кој треба да биде прифатен од сите, а не од одредена група, ако сакаме тој да биде добар закон.
Пратеникот Павле Богоевски, реплицирајќи, истакна дека Деловникот вели оти Претседателот на Собранието одлучува која е матична комисија по одреден закон. Тој, рече Богоевски одлучи тоа да е Комисијата за европски прашања и, како што рече, ќе си ја носи политичката одговорност за таа одлука.
Ние, потенцира, тој, го решаваме она што вие немавте храброст да го направите. Вие во 2018 и 2011 го прифативте решението што беше политички најисплатливо за вас и ни оставивте хаос со кој ние сега треба да се справиме.
Ејуп Алими од ДУИ побара, како што рече, да не се шири лажен национализам за да се добијат политички поени пред избори. Употребата на јазикот, рече, е природно право кое секој треба да го ужива./а1Он